Bojana Stojanovic
18 Февруари 2021•Ажурирај: 20 Февруари 2021
БЕЛГРАД
Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Србија, Бујар Османи и Никола Селаковиќ, денеска во Белград се согласија дека односите на двете земји се пријателски и договорија интензивирање на соработката во сите области, со цел јакнење на добрососедските односи во регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Овие средби се најава за интензивна и плодна соработка и дијалог, што е наша цел, односно, враќање на динамиката на комуникациите која беше пред пандемијата на коронавирусот, и затоа што една од првите цели за време на мојот мандат е јакнење на соработката и односите со соседите, и тука Република Србија има големо значење“, изјави Османи на прес-конференцијата со српскиот колега Селаковиќ.
Тој наведе дека неговата прва посета во Белград од стапувањето на должност поминала сосема пријателски, што е и одраз на пријателските односи на двете земји.
Според неговите зборови, Селаковиќ и тој разговарале и за регионалната соработка која е многу плодна.
Тој се осврна и на иницијативата „Мини-Шенген“, која, како што наведе, создава можност за надминување на пречките во регионот.
Османи уште еднаш се заблагодари за вакцините против коронавирусот кои Србија ги донира на Северна Македонија, што претставува искрен израз на солидарност.
„На состанокот со Селаковиќ исто така зборував и за проектот кој за мене е важен, а тоа е граничниот премин Лојане - Миратовац за кој добив уверување дека ќе се продолжи со интензивна работа за да се овозможи да биде алтернативен граничен премин“, додаде Османи.
Шефот на дипломатијата на Северна Македонија оцени и дека не е доволно само да нема отворени прашања помеѓу соседните земји
„Напротив, треба да има многу прашања, но тие прашања не ги сметам за отворени и за проблеми, туку напротив, за проекти и идеи кои се дел од нашата агенда за која се договоривме дека ќе создадеме поголема предвидливост во смисла на нивно следење и имплементирање. Сметам дека тие прашања се дел од нашата агендата за продлабочување на односите и подобрување на билатералните односи и регионалната соработка.“
Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, исто така оцени дека односите на двете земји се добрососедски, квалитетни и добри и дека укажуваат на подготвеноста на двете држави сите отворени прашања да ги решаваат преку дијалог.
„Односите се засноваат на пет принципи: подготвеност на двете држави сите отворени прашања да се решаваат преку дијалог; унапредување на пријателските односи на народот и граѓаните на двете земји; унапредување на економската и трговската соработка; меѓусебна поддршка на европскиот пат; јакнење на добрососедските односи кои придонесуваат за стабилност, не само на нашите две земји, туку и на целиот регион“, наведе Селаковиќ.
Двајцата министри изјавија дека регионалната соработка и градењето добрососедски односи е она што несомнено е заложба на двете министерства.
Заеднички интерес се евроинтеграциите, иницијативата „Мини-Шенген“, како и прашањето за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина преку дијалог, а тема на разговорите беше и подобрување на меѓусебните позиции на националните малцинства.
Османи и Селаковиќ изразија надеж дека преку идната соработка ќе биде возможно и отворање на Македонски културен центар во Белград и Српски културен центар во Скопје.