Bojana Stojanovic
22 Ноември 2019•Ажурирај: 23 Ноември 2019
БЕЛГРАД (AA) - „Европските интеграции остануваат долгорочна определба на Северна Македонија, а европските интеграции на регионот се најдобар начин за демократската трансформација на општеството“, изјави во Белград претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Палатата „Србија“, Пендаровски рече дека за Северна Македонија не постои друга одржлива алтернатива, освен членството во ЕУ.
„Јас би го истакнал ставот на мојата држава дека за нас не постои друга одржлива алтернатива освен членството во ЕУ. Северна Македонија останува долгорочно определена кон тоа“, рече Пендаровски.
Според неговите зборови, членството во ЕУ е една одржлива опција и за Западен Балкан.
„Европската интеграција на регионот е единствен начин да се овозможи демократска атмосфера“, рече Пендаровски и додаде: „ „Мини Шенген“ не е замена за членството во ЕУ."
„Мислам дека „Мини Шенгенот“ како што е замислен мора да се менува, бидејќи, во овој момент објективно има структурна слабост, не ги опфаќа сите шест држави од Западен Балкан. Кога зборувам држави, немам никаква намера да се мешам во разговорите на Белград и Приштина околу идниот статус на Косово. Јас мислам дека треба да се најде некакво решение кое може сите, и Босна и Херцеговина и Црна Гора да ги внесе во „Мини Шенген". Само така ќе имаме бенефит сите што живееме во овој регион. Повторувам, без прејудицирање околу меѓународниот статус на Косово", истакна Пендаровски, претседателот на Северна Македонија.
Говорејќи за прашањето на Косово, претседателот на Северна Македонија изрази очекување дека „со помош на меѓународната заедница ќе бидат создадени условите за сериозен напредок на дијалогот и трајно решение на тоа прашање“, додавајќи дека решението мора да придонесува кон регионалната стабилност и безбедност и не смее да задира во суверенитетот на другите држави во регионот.
Пендаровски рече и дека економските односи на Србија и Северна Македонија се добри, но дека постои уште простор за понатамошна соработка.
Меѓу останатото, Пендаровски информираше дека со претседателот на Србија, Вучиќ, разговарале и за положбата на македонското национално малцинство во Србија и српската заедница во Северна Македонија, како и за нивниот значителен придонес во севкупните односи меѓу двете држави.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, наведе дека со претседателот на Северна Македонија разговарале искрено и отворено за сите клучни билатерални прашања, како и за клучните регионални теми.
Како што наведе, трговската размена на двете земји била околу 857, 8 милиони евра минатата година, додека целта е во иднина да биде близу милијарда евра.
„Освен разликата околу признавањето на Косово, ние немаме ниту едно друго отворено прашање, ние само сакаме да градиме најдобри пријателски односи“, наведе Вучиќ.
Претседателот на Србија рече дека е горд на договорот направен во Охрид и во Нови Сад, а кој се однесува на „Мини Шенген“, бидејќи тоа е многу важно за доброто на земјите и народот, и дека тоа е најважна иницијатива настаната во регионот.
„Ние сакаме Приштина да влезе во тоа, без статусни прашања, Сараево и Подгорица исто така. Ние од ова ќе имаме огромна корист“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија нема никакви барања ниту кон Северна Македонија ниту кон Македонците, туку само двете земји да имаат „пружени раце една кон друга“.
Претседателот на Србија рече дека сите чекаат да станат членки на ЕУ, но дека не е сигурен дека „ЕУ и Брисел точно знаат што сакаат со нас“.
„Не зависи сè од нас, затоа ние мораме да работиме и да се договараме како ќе гледаме во иднината и да бидеме поуспешни, да се спојуваме едни со други“, наведе Вучиќ.