Aleksandar Savanovic
23 Ноември 2019•Ажурирај: 24 Ноември 2019
НОВИ САД (АА) - Младите го напуштаат регионот на Западен Балкан поради потребата за подобра перспектива, заработка и животно опкружување, а политичките елити преку регионални иницијативи и реформи треба да обезбедат подобри услови за запирање на растечкиот тренд на заминување на луѓето од регионот, е еден од заклучоците на претседателскиот панел на 4. Регионален форум на млади лидери што се одржа во Нови Сад, на кој присуствуваа претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и словенечкиот претседател Борут Пахор, јавува Агенција Анадолија (АА).
За политиката на дијалогот тројцата претседатели разговараа со претставници на младинските организации во регионот, и покрај различните гледишта на говорниците во однос на минатото и сегашноста, заедничка оценка е дека е исклучително голема миграцијата од балканските земји кон Запад и дека мора да се преземат мерки кои ќе им овозможат на младите да добијат шанса во своите земји и да бидат носители на идни промени, но и на помирување во регионот чија историја е проткаена со воени конфликти.
Во своето излагање, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, рече дека балканскиот регион за напредок мора да се избори со лошиот менталитет кој зависи од мислењата на ЕУ и НАТО.
„Сите западнобалкански нации од својата независност до денес се зависни од меѓународната помош и поддршка. Од тој менталитет многу тешко се ослободуваме. Ако не добиеме поддршка од Брисел, не знаеме што ќе правиме со себе. Ние 10 проценти не ги користиме локалните луѓе и иницијативи. Ако менталитетот не се промени, регионот нема да се смени. Но, менталитетот не се менува за две години, туку за тоа се потребни генерации“, истакна Пендаровски.
Тој додаде дека регионот на Западен Балкан доби лоши вести од Брисел по одбивањето на ЕУ да отвори пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, иако Северна Македонија дури го смени и името на својата земја за да ги исполни сите барани услови.
„За 10 години, ако ги форсираме самостојните регионални иницијативи кои се комплементарни за ЕУ, можеме брзо да напредуваме. Ако сакаме да создадеме ЕУ на просторот на Балканот, имаме шанса да ги задржиме младите. Луѓето се селат за подобар живот и плати, а ние како политичари мора да им ја понудиме првата шанса да започнат да живеат и работат во своите држави. Но, не во држава која со години се обидува да отвори преговарачки поглавја и каде просечната плата е 400 евра. Да не бев претседател во такви услови, и јас би се иселил“, заклучи Пендаровски.
Говорејќи за перспективите на земјите од Западен Балкан, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека очекува во следните две години да има многу политички тензии и недоразбирања, како и политики кои ќе се водат врз основа на неодамнешни настани и од нешто подалечното минато, но и дека го гледа забрзаниот напредок на Балканот во економска смисла, многу побрз од напредокот на земјите од Еврозоната.
„Според Светската банка и ММФ, просечниот раст во годините што доаѓаат во Србија се очекува да биде 4,2 проценти, во Албанија 4, во Северна Македонија 3,5 проценти, а сите други се далеку под. Трите земји ќе предничат, а останатите ќе бидат многу подолу, а најмал раст, според проекциите на Светската банка и ММФ, ќе има Хрватска - околу 1,92 проценти. Мислам дека заради натамошниот пад во Еврозоната тој процент ќе се намали на 1,5 - 1,6, а дека нашиот раст ќе биде наместо 4,2, 4,4 проценти, во секој случај многу повеќе. Ова е важно затоа што ниту овие деца ниту средовечните луѓе немаат време за чекање “, рече Вучиќ.
Додаде дека за првпат има ситуација освен млади да заминуваат и луѓе на возраст меѓу 40 и 50 години за повисоки плати отколку во нашиот регион. Вучиќ нагласи дека луѓето веќе не заминуваат затоа што се гладни, туку за подобра перспектива.
„Регионот од март ќе се соочи со уште полоша ситуација кога Германија ќе ги отвори границите за сите работни профили, што ќе им олесни на луѓето од овие простори да најдат работа во таа земја“, рече Вучиќ и нагласи дека сите земји на Балканот изнесуваат лажни податоци за бројот на населението и дека тој број е значително помал отколку што се изнесува, бидејќи регионот се испразнил. Регионот, како што рече, има потреба од забрзан економски развој, но и поразлична политика.
Тој нагласи дека е горд на регионалната иницијатива „мал Шенген“ меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија.
Словенечкиот претседател Борут Пахор рече дека иницијативата за „мал Шенген“ меѓу Белград, Скопје и Тирана е блиска со неговите ставови што подразбираат европеизација на Западен Балкан.
Тој додаде дека Словенија ќе биде застапник за проширувањето на ЕУ на Западен Балкан, но дека до тоа време државите од регионот треба да продолжат со реформите што ќе резултираат со посовремени и пофункционални земји погодни за инвестирање, со подобри перспективи за младите.