Abdula Berisha
23 Ноември 2019•Ажурирај: 23 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Со свечена академија организирана од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на Република Северна Македонија, во Скопје се одбележа 111-годишнината од 22 Ноември, Денот на албанската азбука, јавува Агенција Анадолија (AA).
На настанот присуствуваа премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, вицепремиерите Садула Дураку и Бујар Османи, министри, дипломати, градоначалници, бизнисмени и други поканети гости.
Честитајќи го 22 Ноември, Денот на албанската азбука, премиерот Зоран Заев рече дека оваа свечена академија е само еден од бројните настани организирани деновиве во чест на историјата на албанскиот народ и Северна Македонија, додавајќи дека разликите меѓу двете заедници треба да се искористат за да се воспостави разбирање и толеранција
„Одбележувањето на културните традиции, датуми и духовни наследства на другиот, придонесува кон градење на едно и единствено општество за сите со проевропска и просперитетна иднина. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво", рече Заев.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во својот говор рече дека јазикот ги зближува луѓето и идеите и овозможува соработка и развој.
„Еден јазик е толку богат, толку вреден, колку што се зборува и пишува, збогатува и се шири низ целиот свет. Тој е моќна алатка во интелектуалниот, културниот, уметничкиот развој, но пред сè, идентитетскиот знак на еден народ“, рече Џафери.
Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Садула Дураку, во својот говор рече дека Битолскиот конгрес претставува одраз на високото интелектуалното ниво во тоа време, додавајќи дека употребата на мајчиниот јазик е основно човеково право.
„Мултиетничка држава исто така значи употреба на различни јазици, не на штета на другите јазици, туку како културна вредност што го збогатува општеството. Јазикот треба да биде клучен елемент на соработка меѓу етничките заедници, затоа што тој е фундаментален идентитет на нацијата“, рече Дураку.
Свое обраќање исто така имаше и претседателот на политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, кој истакна дека Битолскиот конгрес не придонел само за албанската историја, туку и за нивните соседски народи, додавајќи дека овие случувања што се случиле на овие простори служат како важен момент за да се зајакне комуникацијата и соработката.
Инаку, Денот на албанската азбука или Битолскиот конгрес, го одбележува состанокот на десетици албански научници, одржан од 14 до 22 ноември 1908 година во Битола, со цел создавање на албанската азбука. На овој Конгрес, делегатите од Албанија и од албанските здруженија и клубови од целиот свет, ја донесоа одлуката за прифаќање на латиницата, со одредени промени промени.
За албанскиот народ, Битолскиот конгрес беше најважниот настан во почетокот на 20 век, заедно со прогласувањето на независноста на Албанија на 28 ноември 1912 година. Со ова, 22 ноември останува ден за помнење за албанскиот народ, познат како Денот на азбуката.