Stipe Mayiç
15 Февруари 2018•Ажурирај: 16 Февруари 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, на почетокот на седницата на Владата истакна дека неговата вчерашна посета на Брисел и разговорите со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и со целиот колегиум на Европската комисија биле содржајни, јавува Anadolu Agency (AA).
Пленковиќ рече дека е разговорано за донесувањето на новиот буџет на ЕУ за периодот од 2021 до 2027 година, кој веќе нема да ја вклучува Велика Британија, со што ќе се создаде, како што рече, една несразмерност на страната на расходите и приходите, бидејќи претходно 10 земји-членки, вклучувајќи ја и Велика Британија, го креираа 80 отсто од буџетот на ЕУ.
Тој истакна дека на европските колеги им порачал оти Хрватска е подготвена да ги зголеми давањата и буџетот доколку е потребно поради заминувањето на Велика Британија од Унијата.
Хрватскиот премиер Пленковиќ рече дека Хрватска од европските колеги, со оглед на процесот на проширување, е оценета како една многу важна врска бидејќи е близу до сите шест држави кои се во тој процес.
„Сите овие земји треба да бидат оценувани врз основа на индивидуалните достигнувања и врз основа на исполнувањето на критериумите“, рече хрватскиот премиер.
Тој додаде дека Хрватска ќе направи сè соседните земји да бидат примени што поскоро, притоа нагласи дека решавањето на отворените гранични прашања во Брисел е примено со големо разбирање.
„Добрата вест е дека во 2017 година е зголемен хрватскиот извоз за 13,9 отсто во однос на 2016 година, а зголемен е и увозот за 11 отсто. Хрватска е извозно 65 проценти ориентирана кон земјите-членки на ЕУ, а увозно со 70 отсто“, рече Пленковиќ, и порача дека логичен тек е влезот на Хрватска во еврозоната.