Eda Özdener
26 Ноември 2019•Ажурирај: 27 Ноември 2019
АНКАРА
Генералната дирекција на вакафи на Турција соопшти дека е завршена реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид и се очекува на 28 ноември таа свечено да биде отворена, јавува Агенција Анадолија (АА).
Аднан Ертем, генерален директор на вакафите, изјави дека џамијата во Охрид е изградена во 1573 година од страна на Сулејман-паша, а во 1823 година извршени се поправки од страна на белградскиот везир Али-паша од Мараш, по чие име и се споменува, истакнувајќи дека објектот е вакафско дело.
Директорот Ертем информираше дека минарето на џамијата на везирот Али-паша, која е заведена под вакафот, урнато е пред 107 години, а џамијата која што опстанала до денес е составена од дебелите основни ѕидови, чија основа претставува еднокуполен квадратен базен простор.

Тој истакна дека по добиеното барање за реставрација, во соработка со Претседателството на Исламската заедница на Северна Македонија, дошол во земјата, каде што на 1 април 2015 година е потпишан протокол за реставрација.
Ертем истакна дека по спроведениот тендер од страна на Генералната дирекција на вакафи на Турција и во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид, доставени се проекти кои го прикажуваат оригиналниот изглед на џамијата и посочи дека реставрацијата е изведена врз основа на тие документи и додаде:
„Проектот беше одобрен на 14 јуни 2016 година од страна на Високиот совет за заштита на културното наследство на Северна Македонија. Во согласност со проектот, реставрацијата на објектот започна на 22 март 2017 година. Во реставрацијата на џамијата која е вакафски објект, одново е изградено минарето со висина од 32,5 метри кое е урнато во почетокот на 20 век. Целосната работа околу реставрацијата заврши минатиот месец.“

На 28 ноември свечено ќе биде отворена Алипашината џамија во Охрид, а се очекува на отворањето да учествуваат заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Јавуз Селим Киран и заменик-министерот за култура и туризам на Турција, Ахмет Мисбах Демирџан.