Vesna Besic
02 Септември 2024•Ажурирај: 04 Септември 2024
ДЕИР АЛ БАЛАХ (АА) - Десетици илјади Палестинци се ранети, а на многумина им се ампутирани делови од телото по израелските напади врз блокираниот Појас Газа, известува Анадолу.
Една од последните жртви е 15-годишното палестинско момче Диа ал Ади, чии раце беа ампутирани по еден од израелските напади.
Со ампутацијата на рацете му се урнаa соништата и желбите за иднината. Нападот се случил во источниот дел на Деир ал Балах, а цел биле кулите Кастал.
Ал Ади бил тешко ранет додека седел во кафуле со своите пријатели при бомбардирањето на областа. Ал Ади и неговите пријатели немале време за бегство.
Ал Ади изјави за АА дека бил при свест кога пристигнал во болницата. Тој раскажа дека кога стигнал во болницата, бил свесен кога му ја ампутирале левата рака.
Ова палестинско момче рече дека негова желба била да биде новинар, но Израел му го одзел тој сон.
„Во моите соништа бев фоторепортер, фотографирав и играв PUBG со моите пријатели. Но, сега немам раце, не можам да фотографирам, не можам да играм. Сè што имав исчезна“, рече Ал Ади.
И покрај огромните предизвици, ова 15-годишно момче се обидува да се справи со животните неволји со помош на неговата сестра Аја.
Се надева дека ќе добие протези и ќе го продолжи животот колку што ќе може.
Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври минатата година, убиени се повеќе од 40.700 Палестинци, главно жени и деца, а над 94.100 се ранети.
Постојаната блокада на палестинската енклава доведе до недостиг на храна, чиста вода и лекови, оставајќи голем дел од регионот во урнатини.
Израел се соочува со обвиненија за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој нареди запирање на воените операции во јужниот град Рафа, каде што повеќе од милион Палестинци побараа засолниште пред подрачјето на градот да биде нападнато на 6 мај.