Husamedin Gina
15 Октомври 2020•Ажурирај: 16 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Турската агенција за соработка и координација (TİKA) обезбеди пунктови за дезинфекција и бесконтактни топломери за градинките во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
ТИКА во соработка со Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија денеска донираше 150 пункта за дезинфекција и 100 уреди за мерење на телесната температура. Свечено предавање на пунктовите за дезинфекција и бесконтактните топломери се одржа во градинката „Орце Николов„ во Карпош, Скопје.
Министерката за труд и социјална политика на Северна Македонија, Јагода Шахпаска, во изјавата за медиумите, истакнувајќи дека во услови на пандемија секоја помош е добредојдена, изрази благодарност до турската Агенција за соработка и координација (ТИКА) за помошта од пунктовите за дезинфекција и бесконтактните топломери.
„Ова е уште еден придонес за безбедно да се носиме во оваа ситуација кога вирусот е присутен насекаде во светот“, нагласи Шахпаска.
Координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, истакна дека ТИКА денеска донира пунктови за дезинфекција и бесконтактни топломери за градинките и центрите за ран детски развој низ цела Северна Македонија.
„На овој начин сакаме да придонесеме во напорите да се спречат негативните ефекти предизвикани од пандемијата на Ковид-19, што е можно да се зголеми со почетокот на наставата во училиштата, со промената на временските услови и со зголемувањето на времето кое ќе го поминуваме во затворени средини“, рече Согут, координаторот на ТИКА во Скопје.
Тој додаде дека посакуваат оваа програма „Здраво и одржливо образование“ да даде поддршка на образовниот и здравствениот сектор на Северна Македонија.
Министерката Шахпаска, на новинарско прашање, каква е состојбата во градинките со епидемијата на Ковид-19, истакна дека од почетокот на отворањето на градинките на 9 септември, збирната бројка на деца позитивни на коронавирусот е 15, додека вирусот е регистриран кај 44 вработени, кои во моментот се во изолација.
Наведувајќи дека во изолација се наоѓаат и околу 190 деца, Шахпаска рече дека децата заразата не ја стекнале во градинките и дека таа информација ја добиле од епидемиолозите.
Таа исто така наведе дека здравствената состојба на сите е добра и дека голем дел се излезени од изолација.