Husamedin Gina
26 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА)
На градските гробишта во Бутел, денеска официјални делегации и претставници на институции положија цвеќиња пред споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес што го поресе Скопје во 1963 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Цвеќиња пред споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес положија делегација на Владата на Северна Македонија, предводена од Бојан Маричиќ, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, делегација на Собранието на Северна Македонија, предводена од потпретседателот Горан Мисовски, делегација на Советот на Град Скопје, предводен од градоначалничката Данела Арсовска, делегација на Министерството за одбрана, делегации на политички партии, од дипломатскиот кор во Северна Македонија и делегации од здруженија на граѓани.

- Катастрофалниот земјотресот што го потресе Скопје во 1963 година
На 26 јули 1963 година во 5:17 часот, Скопје беше разурнато од земјотрес со интензитет од 6,1 степен според Рихтеровата сеизмичка скала, со траење од 20 секунди, а помали потреси се чувствувале до пет часот и 43 минути.
Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени околу 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1.070 Скопјани, а биле повредени над 4.000.

По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути.
Според кажувањата на скопјани, првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а неколку дена по земјотресот, започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Вкупно 87 нации од светот испратиле помош во Скопје и помогнале градот да се изгради повторно. Тоа е причината поради која градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Ден по земјотресот, претседателот на Социјалистичката Федеративна Република Југославија, Јосип Броз-Тито, изјавил: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тој ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“
Оваа изјава на Тито и денес стои закачена на Старата железничка станица како меморијал за солидарноста во изградбата на Скопје по земјотресот.
