Agim Sulaj
05 Јули 2025•Ажурирај: 05 Јули 2025
ПРИШТИНА (АА) – Непосредно пред почетокот на 42-та седница на Собранието на Косово, за конституирање на деветтиот состав на законодавниот дом, пратениците се евакуирани од зградата, јавува Анадолу.
Полициските службеници ги замолија пратениците, претставниците на медиумите и другите службени лица да ја напуштат зградата на косовското Собрание.
„Полицијата нè замоли да ја напуштиме (зградата) поради безбедносни причини. Постои закана, веројатно бомба, но не знаеме повеќе и полицијата треба да даде појаснување, ни беше кажано да ја испразниме зградата на Собранието“, рече пратеникот на Демократската партија на Косово (ПДК), Абелард Тахири, додека ја напушташе зградата на Собранието.
Поранешниот претседател на Собранието, Гљаук Коњуфца, изјави дека Собранието добило телефонска закана.
Пратеничката на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Тиме Кадријај, рече дека не верува дека постои каква било опасност за пратениците.
„Многу е бесмислено ова што се случува. Можеби станува збор за намерен телефонски повик за пратениците да се оддалечат од Собранието. Ниеден нормален човек не би го нападнал Собранието“, рече таа.
Откако пратениците си заминаа, претставници на косовското Собрание ги замолија медиумите да го напуштат дворот на зградата.
Новата конститутивна седница беше закажана за денес во 11 часот.