Edıta Zekjırovıc
29 Октомври 2022•Ажурирај: 02 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - ЕДИТА ЗЕЌИРОВИЌ - Импозантна градба, автентична архитектура, еден од симболите на старо Скопје. Најверојатно ова се трите епитети кои најпрвин на многумина им паѓаат на памет кога се споменува Саат-кулата во Скопје.
Со векови наназад таа го мери времето и неуморно пулсира со ритамот на Скопје.
Саат-кулата која се надвива над Скопје, сместена веднаш до Султан-Муратовата џамија, е првата саат-кула изградена во време на Османлиската Империја.
Првиот удар, кога кулата претрпува голема штета се случил во палежот на градот и големиот пожар во 1689 година, но сепак останува во првобитниот облик сè до 1904 година, кога по наредба на валијата Хафиз-паша била преуредена.
Години подоцна, во 1963 година, следува и земјотресот кој го разурна Скопје, а саат-кулата, покрај големите штети кои ги претрпела врз градбата, го загубила и часовниот механизам. Подоцна, градбата на саат-кулата била обновена, но без нејзиниот часовен механизам.
Таа ги добива новите часовници на 26 мај 2008 година, во рамките на проектот на Општина Чаир за нејзина реконструкција.
До врвот на кулата каде што се поставени часовниците водат 105 скалила. Оттаму посетителите имаат можност да го видат градот од поинаква перспектива.
- Саат-кулите: Јавен апарат преку кој се регулирало времето -
Изградбата на саат-кулите на подрачјето на Балканот во време на Османлиската Империја започнала во средината на 16 век. Нивната распространетост била условена од урбанистичкиот развој.
Во тој период, саат-кулите претставувале јавен апарат преку кој се регулирало времето. Најчесто изградени на градските плоштади, ридови, врвови, згради, го одразуваат степенот на развој на османлиската архитектура.
Некои од истражувањата велат дека бројот на саат-кулите што се изградени во османлискиот период на територијата на Северна Македонија е околу 20, а дека најмалку 12 од нив сѐ уште постојат.