Првото „Cat Cafe“ во Скопје нуди уникатно доживување и нова шанса за бездомните мачиња
- Во кафулето моментно престојуваат шест мачиња, кои секојдневно им прават друштво на посетителите. Дел од нив се спасени од улица, а дел се од сопственици што повеќе не можеле да се грижат за нив.
Aida Cako
11 Јули 2026•Ажурирано: 11 Јули 2026
photo: Umeys Sulejman / AA
СКОПЈЕ
Скопје неодамна доби ново и несекојдневно место за љубителите на животни - првото „Cat Cafe“, каде што посетителите, покрај кафе или освежителен пијалак, може да поминат време во друштво на разиграни мачиња што слободно се движат низ просторот, јавува Анадолу.
Овој концепт, веќе добро познат во многу светски метрополи, предизвика голем интерес кај скопјани, па не е невообичаено пред влезот на кафулето секојдневно да се забележат посетители што чекаат за да доживеат поинакво кафе-искуство.
Зад овој иновативен проект стои млад пар, кој инспирацијата ја добил пред четири години за време на посетата на „Cat Cafe“ во Рејкјавик, Исланд.
Фотографија : Umeys Sulejman/AA
Тоа патување било само почеток на нивната мисија, која потоа ја надградиле проучувајќи слични локали и во Португалија, Виетнам и Кина, со цел да ги применат најдобрите светски искуства во својот простор.
Иако уредувањето и отворањето на локалот траело еден месец, подготовката на концептот, со посебен фокус на благосостојбата на животните, траела многу подолго.
Во кафулето моментно престојуваат шест мачиња, кои секојдневно им прават друштво на посетителите. Дел од нив се спасени од улица, а дел се од сопственици што повеќе не можеле да се грижат за нив.
Сепак, хуманата мисија на овој простор е многу поголема од самото кафуле.
Цел е мачињата да се социјализираат, а штом ќе ги исполнат ветеринарните услови и ќе ја достигнат потребната возраст, ќе може да бидат вдомени.
Фотографија : Medin Nuredini/AA
На овој начин кафулето станува привремено засолниште што континуирано ќе отвора простор за згрижување на нови бездомни мачиња, создавајќи одржлив циклус на грижа и хуманост.
Посетителите велат дека вакво место одамна му недостасувало на градот.
„Прекрасно е, мислам дека е супер иницијатива во Скопје да постои кафуле каде што може да се освежите и да си поиграте со мачиња“, вели Владанка Андреева.
Воодушевување од атмосферата не кријат ниту најмладите посетители.
Фотографија : Umeys Sulejman/AA
„Многу ги сакам мачињата. Ми се допаѓаат, многу се слатки и мирни. Би сакала дома да имам едно маче“, вели Ангелина Светиева.
За Сања Давидковска, која веќе неколкупати го посетила кафулето, токму мирната атмосфера и блискоста со животните се причината поради која повторно доаѓа.
„Неодамна го открив ова место и веќе пет-шест пати сум тука. Многу ми се допаѓа атмосферата, а најубаво е што мачињата од мали се донесени за да се навикнат на луѓето“, раскажува таа.
Покрај тоа што нуди поинаков начин да се мине слободното време, „Cat Cafe“ носи и поширока порака – дека секое вдомено маче значи нова можност за уште едно бездомно животно да биде спасено, згрижено и да добие шанса за подобар живот.