Zülfiya Yakup
06 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
ПРИШТИНА (AA) – Врз основа на преброени 41,27 отсто од гласачките ливчиња на предвремените парламентарни избори тесен е резултатот помеѓу досегашната опозиција, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Движењето Самоопределување. Води ЛДК со 25,21 отсто гласови, додека второ е Самоопределување со 24,32 отсто гласови, јавува Anadolu Agency (AA).
Според моменталниот резултат трета е Демократската партија на Косово со 22,32 отсто, која во последните 12 години е на власт во Косово.
Четврта е коалицијата ААК-ПСД (Алијанса за иднина на Косово - Социјалдемократска парија) со 12,67 отсто, додека на пето место е коалицијата Нисма-АКР-ПД (Иницијатива на Социјалдемократите - Алијанса ново Косово - Партија на правдата) со 5,53 отсто.
Од српските политички субјекти убедливо води Српска листа.
Излезноста на овие избори е 44,18 отсто од 1.937.869 гласачи со право на глас.
На изборите се натпреваруваат 25 политички субјекти, од кои 4 се коалиции, 20 политички партии и еден независен кандидат.
На изборите се оди поради оставката на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, кој поднесе неотповиклива оставка, откако доби покана за разговор како осомничен од страна на Специјалниот суд за Косово.
Овие парламентарни избори се седми по ред по војната во Косово во 1999 година.