Bekim Laci
11 Декември 2018•Ажурирај: 12 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Државниот министер задолжен за имплементација на Стратегијата за Ромите 2014 - 2020, Аксел Ахмедовски, на прес-конференција информираше за реализираните активности во период од една година од неговиот мандат, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Ахмедовски нагласи дека во неговиот министерски мандат за првпат беше поставена алатка за следење на акционите планови во форма на извештај, што се однесува до имплементацијата на јавните политики за интеграција на Ромите во четирите клучни приоритети.
„Вработување, домување, образование, здравство и истиот извештај се користи за напредокот на земјата во процесот на пристапувањето во ЕУ", рече Ахмедовски.
Тој нагласи дека во октомври оваа година беше организирана првата платформа за интеграција на Ромите на која беа дискутирани политиките за нивна интеграција, а во меѓувреме е основано и едно тело кое за првпат ги координира државните институции, невладините организации и општинските управи преку еден акционен план со јасни методологии за имплементација на активностите на локално ниво.
Во презентирањето на активностите, реализирани во период од една година од неговиот мандат, Ахмедовски се осврна на средбите со невладините организации, како и на соработката со Амбасадата на Франција во Скопје, во рамки на проектите за младински политики.
„Во рамките на овој проект веќе е подготвен извештај за актуелната состојба на младите Роми и нивната вклученост во младинските политики и спорт. Овој проект, има и за цел да се надминат проблемите на младите со исклученоста, говорот на омраза, ксенофобијата и дискриминацијата“, додаде тој.
Ахмедовски информираше и за податоците за инфраструктурните градови во ромските населби низ земјата.
Прашан да коментира за состојбата со образованието на Ромите, министерот Ахмедовски нагласи дека веќе има еден конкурс за 880 стипендии за приватните и јавните средни учлишта, кој истекува утре, и дека по добивањето на пријавите, ќе имаат една подобра слика за тоа.
Инаку, според податоците од пописот на населението и домаќинствата во Република Македонија кој се спроведе 2002 година, во земјава живеат 53.879 Роми,односно 2,66 % од вкупната популација во земјата. Некои невладини организации наведуваат дека нивниот број е поголем поради фактот што голем број Роми немаат лични карти и не учествувале во пописот на населението.