Senada Ibraimova
15 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), во соработка со Здружението на бизнис жени во Македонија, како и Светската бизнис организација во Македонија, денес ја претстави глобалната платформа на жени лидери од јавниот и од приватниот сектор, преку која за првпат од Македонија ќе бидат вклучени истакнати жени лидери, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што изјавија од ССКМ, оваа глобална платформа ги обединува жените лидери од пет контитенти од светот, од различни области: политика, економија, дипломатија, претприемништво и новинарство.
Оперативниот директор на ССКМ, Александар Зарков истакна дека примарната цел на оваа платформа е остварување меѓународен дијалог за унапредување на женското лидерство и креирање стратешки политики за економски развој, што пак според него, подразбира и развој на кариера, глобално партнерство, како и трансфер на знаење и искуства на регионално и на интернационално ниво.
„Релевантни и успешни примери за жени на лидерски позиции гледаме од кандидатот за претседател на Америка, жената канцелар на Германија и од жената претседател во Хрватска. Тука би ја споменал и комуникацијата на претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, г-ѓа Даниела Арсовска и претседателот на Република Хрватска г-ѓа Колинда Грабар Китаровиќ. Претседателот на Република Хрватска, г-ѓа Китаровиќ ја истакна својата целосна поддршка за иницијативата и за вклучување на жените од Република Македонија во платформата“, рече Зарков на денешната прес-конференција во ССК.
Платформата ќе биде промовирана на првиот Светски самит на жените лидери во Македонија „2017 Глобал вомен лидерс самит“, кој ќе се одржи на 17. и 18. февруари 2017 година во Скопје. На овој самит ќе учествуваат над 40 панелисти, истакнати жени лидери, како и над 300 учесници од пет контитенти, креатори на јавните политики, дипломатскиот кор, корпоративната елита и од новинарството.