АНКАРА (АА) - ЈИЛДИЗ НЕВИН ЃУНДОГМУШ -
Со инструкција на Гази Мустафа Кемал Ататурк, Агенцијата Анадолија (АА) е основана на 6 април 1920 година со цел „да го пренесе гласот на Анадолија во светот“. Од Војната за независност до денес, на својата 100-годишнина, го продолжува своето успешно патешествие во областа на информирањето.
Агенцијата Анадолија во текот на процесот на Националната борба го најави движењето за независност и во земјата и во светот, и има посебно место во историјата на Републиката со клучната должност што ја презеде во текот на борбата.
- Агенција пред АА и процесот на основање на АА -
Пред основањето на Агенција Анадолија, во центарот на Османлиското Царство, кое беше поразено во Првата светска војна и кое во тешки услови на 30 октомври 1918 година го потпиша Договорот од Мудрос, активностите ги извршуваше Агенцијата „Турција-Хавас Ројтерс“.
По Договорот од Мудрос, во согласност со компромисот меѓу Владата на Дамат Ферид-паша и сојузниците, кои де факто го окупираа Истанбул, беше формирана Новинската агенција „Турција-Хавас Ројтерс“, чии вести што беа објавувавани не беа во интерес на Турција. Мустафа Кемал беше вознемирен од тоа што тие информации се базираат на невистини.
Во тие денови, Мустафа Кемал почнал да размислува за создавање агенција што ќе го пренесува гласот на Националната борба низ целата земја и во светот.
По официјалната окупација на Истанбул на 16 март 1920 година и затворањето на Парламентот, Мустафа Кемал на 19 март ги известил провинциите и командите дека ќе се одржат избори за Собранието во Анкара.
Основањето на Агенција Анадолија се случи во тешки времиња, кои можат да се наречат „пресвртна точка на Националната борба“.
Јунус Нади (Абалиоглу) и Халиде Едип (Адивар), кои тргнаа да одат во Анадолија за да се приклучат на Националната борба, по официјалната окупација на Истанбул, за време на паузата во станицата „Акхисар“, разговарале за „основање агенција веднаш штом ќе пристигнат во Анкара“.
- Идејата за името „Агенција Анадолија“ -
Како се појавила идејата за името „Агенција Анадолија“, која стана една од најзначајните брендови на Турција, раскажува Јунус Нади.
Нади го раскажува разговорот со Халиде Едип за време на паузата на станицата:
„Тоа е четврти ден од нашето патување за да стигнеме до Гејве. Денес ќе продолжиме на пат кон Анкара. Со г-ѓа Халиде Едип можев да се сретнам за време на паузата во станицата Акхисар.“
Дијалогот во којшто Халиде Едип предложила да се формира „новинска агенција“ за да се пренесат информациите од Анадолија и нејзината праведна борба, евидентиран е на следниот начин:
„Најдобро е кога ќе се вратиме да основаме агенција и со тоа ќе информираме внатре и надвор. Тоа е првиот услов, деталите ќе следуваат допрва“, рекол Јунус.
„Секако, со ред можат да се завршат сите работи. Но, според мое мислење, првата работа треба да биде основање агенција. Ајде ако сакате да ја именуваме овде: На пример, Турска агенција, на пример Анкарска агенција, на пример Агенција Анадолија... Може да се најдат повеќе примери“, одговорила Халиде.
-„Се чини дека Агенцијата Анадолија е најдоброто име за мене“, рекол Јунус Нади.
„И за мене. Нели, Анадолија е таа што ќе се спаси најпрвин себеси и ако е можно целата татковина. Значи, да донесеме одлука: Агенција Анадолија ...“, рекла Халиде Едип.
„Да, да, г-ѓо, Агенција Анадолија ...“, додал Јунус Нади.
Со тој разговор помеѓу Јунус Нади и Халиде Едип на станицата во Акхисар започнало патешествието на информативната Агенција Анадолија.
Откако делегацијата пристигнала во Анкара на 1 април 1920 година, според раскажувањето на Јунус Нади, вечерта на 4 или 5 април почнало да се зборува за основањето на Агенцијата Анадолија по вечерата во Генералниот директорат за метеоролошки работи во Земјоделското училиште, каде што се наоѓало седиштето на Ататурк.
Во врска со таа историска вечер, Јунус Нади вели: „Нашата одлука за Агенцијата се состоеше од: првиот ден, пашата [Мустафа Кемал] ќе ја претстави Агенцијата Анадолија низ целата земја. Требаше да каже дека Агенцијата во Анкара се основа поради следните причини: 'Низ целата земја ќе информира за моменталната ситуација. Агенцијата ќе ги шири информациите што е можно повеќе, до најоддалечениот дел од земјата. Јас и Халиде Едип ќе ги собиравме сите официјални, неофицијални, домашни и странски вести, и најмалку два пати на ден ќе ги праќавме до телеграфските куќи.“
Халиде Едип, одговарајќи на прашањето на Мустафа Кемал за впечатоците во текот на патот, истакнала: „Веднаш го отворив прашањето за Агенцијата и со Јунус Нади за време на патувањето и со жените со кои разговарав тоа утро. Не знаеја за надворешниот свет, ниту за значењето на Националната борба, затоа што немаа информации за тоа. Тоа го разговаравме со г-динот Јунус Нади, за основање агенција. Покрај тоа, требаше да се донесат најзначајните англиски и француски весници за да се разбере светот. На чело на тие весници се наоѓаа „Манчестер Гардијан“ (Manschester Guardian), „Тајмс“ (Times) и „Дејли хроникл“ (Daily Chronicle), кој ги објавуваше мислењата на Лојд Џорџ. Откако се согласивме за овие точки, му кажав дека потребна ми е една машина за пишување. Мустафа Кемал ми вети дека тоа ќе го најде од Османлиската банка.“
- Историски указ -
Утрото по оваа средба, без одлагање, на 6 април 1920 година се основаше Агенцијата Анадолија. Мустафа Кемал веднаш започнал со работите за да го соопшти основањето на Агенцијата. Мустафа Кемал, исто така, во „историскиот указ“ испратен до воените и цивилните власти низ целата земја ја истакнал важноста да се информира внатрешното и надворешното јавно мислење преку Агенцијата Анадолија.
Во указот во врска со формирањето на Агенцијата Анадолија, испратен на 9 април до сите воени единици, провинции и административни делегации, пишуваше:
„Откако Османлискиот султански центар, кој е духовно исламско место, е под непријателска окупација, нашата земја и нашиот народ се соочуваат со голема опасност. Во време на националната и света војна во која влегоа цела Румелија и Анадолија, важен услов е муслиманите да се информираат со точни вести од земјата и од светот. Како резултат на тоа основана е институција под името „Агенција Анадолија“ под раководство на специјален одбор составен од овластени лица.“
Мустафа Кемал во указот потенцирал дека не само вести, туку ќе се објавуваат најточни вести и подвлекол дека новинската „Агенција Анадолија“ објавувајќи вести најбрзо, треба да ги следи и универзалните принципи на една агенција.
Тоа беше обврската на брз начин да се доставуваат точни, целосни и објективни информации.
- Агенцијата Анадолија започнува со работа -
Агенцијата Анадолија, чие основање беше соопштено на целата земја, некое време своите активности ги спроведуваше во една просторија во Школата за земјоделство.
Во своите мемоари, Халиде Едип на петтиот ден од пристигнувањето во Анкара напишала дека „една од тесните и долги простории“ во „Штабот“ била резервирана за неа и дека предметите што се наоѓале во просторијата се состоеле од „полици за датотеки, столчиња, две маси и стара машина за пишување“. Халиде Едип, во оваа просторија, која може да се каже дека е првото седиште на Агенција Анадолија, од англиски јазик ги преведувала политичките делови на весниците, помагала за весникот „Хакимијет Милије“ и подготвувала вести за активностите на Мустафа Кемал.
По Школата за земјоделство, Агенцијата ги продолжува активностите во подрумот на зградата на Учителската школа во Улус. Своите канцеларии ги променува неколку пати, а на крајот се сели во двокатната зграда во Саманпазари.
Внатрешните и надворешните светски вести на АА, од 12 април 1920 година, под наслов „Известување од Агенцијата Анадолија“, беа напишани со машина за пишување којашто Мустафа Кемал ја снабди за Халиде Едип од Османлиската банка.
Првата вест на Агенцијата Анадолија од 12 април 1920 година, во која беше соопштено дека Агенцијата започнала со работа, носеше наслов „Повик за анадолискиот народ“. Во првиот пасус од веста беше напишано: „По непријателската окупација на нашиот државен центар, Румелија и Анадолија со упорност и решеност ја започнаа херојската борба за својата одбрана. Во овој период Агенцијата Анадолија од денеска започна со својата работа, со цел да се овозможи нашите браќа по религија и сограѓани да добиваат најточни информации. Денешните информации треба да се пренесат до што е можно повеќе места за да бидат прочитани од повеќе луѓе. За таа цел, ве молиме сите информации што ќе се испраќаат секој ден до телеграфските куќи да се напишат на вратите на телеграфските куќи врз црни плочи, да се испечатат, објават и да се дистрибуираат по населените места. Ако може да се испратат и до селата. По овој воведен дел, подолу се наоѓаат денешните најнови информации...“
Во првиот период, беше решено вестите од Агенцијата Анадолија да се објавуваат најмалку во два билтени на ден, а исто така беше дадено значење да стигнат до целата земја. Во друг указ од 5 мај 1920 година со потписот на Мустафа Кемал, претседателот на Големото национално собрание, беше побарано билтените на АА да се достават до најоддалечените точки на земјата, а за тоа да се искористат сите можни начини.
Целта беше Агенцијата Анадолија, чие основање беше соопштено преку официјални декларации, да ја информира јавноста со најточни домашни и странски информации за причините, насоките на развој и другите елементи на Националната борба за независност во Анадолија.
- АА стана гласот на Националната борба -
Формирањето на АА создаде голема возбуда во Анадолија, која беше љубопитна за случувањата во врска со Националната борба и Владата на Анкара. По указот на Мустафа Кемал, честитките за основањето на АА започнаа да доаѓаат од целата земја. Во овие телеграми беше наведено дека тие се подготвени за дистрибуција на билтените на АА до јавноста.
Беа преземени мерки за тоа информациите на АА редовно да се доставуваат не само до јавноста, туку и до воените единици кои се борат на фронтот. Билтените на Агенцијата Анадолија беа доставени и до печатот во Анадолија, со цел да се развие свеста на луѓето од регионот за угнетувањата, заплашувањата и обидите за окупација на земјите од Антантата.
Од друга страна, со наредба на Мустафа Кемал-паша, со голема тајност се вложија интензивни напори да се пренесат вестите на АА до јавноста и националните весници во Истанбул, кој беше под окупација. Билтените на АА во кои беа вклучени официјалните соопштенија на Владата на Анкара, важните случувања од странство, предупредувањата до јавноста, информациите од Собранието и од фронтот и црната пропаганда на окупаторските сили исполнија еден огромен јаз. Всушност во Националната борба отворија втор фронт наречен „печат“.
Бројот на персоналот на Агенцијата, на кој му се придружи и Хамдулах Суфи, по Јунус Нади, Халид Едип, се искачи на 10 во првите месеци. Агенцијата, која ја извршуваше својата работа во просторија на Училиштето за земјоделство, која беше првото седиште на Националната борба, немаше можност да печати голем број билтени на Агенцијата.
За време на Војната за независност, АА даде значителен придонес во однос на тоа да го информира народот за провокациите и лагите што го загрозуваат националното единство. Агенцијата исто така ги информираше граѓаните за активностите на Собранието и даде придонес за интеграцијата на народот и Владата.
- Имаше 26 генерални директори -
Прв генерален директор на Агенцијата Анадолија беше Алаедин Бег. Тој својата должност ја започна на 1 јануари 1926 година, а должноста му ја предаде на Мувафак Менеменџиоглу на 1 февруари 1931 година. На 19 октомври 1944 година за генерален директор на Агенцијата беше избран Фаик Х. Хозар. Тој му ја предаде должноста на Мувафак Сунал на 1 јуни 1946 година. Како генерални директори работеа Зиха Гевхер Етили 1948-1951 година, Саим Нури Урај 1951-1952 година, Фирузан Ф. Текил 1959-1960 година и Џемал Ајген во 1960-1961 година.
Ердоган Улус ја вршеше должноста генерален директор една година, во 1961, а потоа му ја предаде на Наил Мутлугил. Мутлугил му ја предаде функцијата на Мунир Ерберк во 1963 година. Потоа генерални директори на АА беа: Атила Онук, Изет Седес, Ајтекин Јилдиз, Џевдет Танјели, Хасаметин Челеби, Бехич Екши, Чејхан Бајтур, Тургај Учоз, Екрем Караисмаилоглу, Мехмет Акарџа, Мехмет Ѓулер, Хилми Бенги, Кемал Озтурк и Шенол Казанџи.
news_share_descriptionsubscription_contact


