Husameddin Gina
06 Декември 2018•Ажурирај: 07 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – По повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денес пред студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, ја промовираше интернет-платформата prijavikorupcja.mk, јавува Anadolu Agency (AA).
„Идејата беше невладините организации кои уживаат доверба барем кај еден значителен дел на населението, да бидат можеби мост или алатка преку која ќе можат безбедно и со доверба да пријават корупција, било тоа да се жртви на корупција, било да се сведоци“, изјави Калајџиев.
Тој, исто така нагласи дека на граѓаните што ќе пријавуваат корупција ќе им се загарантира анонимност, и дека нивните податоци без нивно одобрение никаде нема да се процесуираат, а ако има потреба ќе им се обезбеди и правна помош.
Калајџиев, коментирајќи го непостоењето на Државната антикопрупциска комисија, рече дека никогаш не помислил дека таа комисија треба да биде главната алатка за борба против корупцијата.
Исто така нагласи и дека со новите реформи во правосудството, на Специјалното јавно обвинителство му се предвидува сериозна улога.
„Се предвидува во една или во друга форма да остане и да ја подели надлежноста со Јавното обвинителство за организиран криминал, со тоа што ќе се фокусира, на некој начин, да речам, врз корупцијата и криминалот кај политичката елита, со оглед на тоа што од државните институции кои се под извршната власт или под нејзино влијание објективно не можете да очекувате сериозна и бескомпромисна борба“, изјави Гордан Калајџиев.
Меѓународниот ден за борба против корупцијата се одбележува со цел да се укаже на распространетоста на оваа општествена појава и да се промовираат ефикасни мерки за нејзино спречување.
Организацијата на Обединетите нации (ООН) на 9 декември 2003 година во Мерида ја усвои Конвенцијата за борба против корупцијата (УНКАК), чија основна цел е унапредување и јакнење на мерките за ефикасно и успешно спречување и борба против корупцијата.