Admir Fazlagic
27 Септември 2016•Ажурирај: 27 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денес одржа прес-конференција на која беше промовиран проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите“, поддржан од амбасадата на Велика Британија во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет, рече дека проектот има за цел да им помогне на најранливите групи. Таа нагласи дека главна цел на проектот е да се поддржи развојот на политиките и практиката за социјална кохезија на ранливите групи и да се подобри нивниот пристап до правда.

„Овој проект е конципиран така што преку корисничкиот пристап да дојдеме до оние моменти за кои ние не слушаме вообичаено. Да се слушне и она што не претставува само обврска на институциите, туку како тече еден ден на една личност со ментална или со физичка попреченост“, изјави Пировска, додавајќи дека целна група на проектот се луѓе со ментална и физичка попреченост, Ромите, жените од руралните средини и маргинализираните групи.
Говорејќи за важноста на проектот, амбасадорот на Велика Британија во Скопје, Чарлс Гарет, истакна дека не е важна само попреченоста на лицата со посебни потреби, туку и нивната способност.
„Оние општества коишто исклучуваат луѓе, исчезнуваат, оние што се инклузивни и ги вклучуваат сите, просперираат. Тоа отсекогаш најверојатно било точно, но никогаш не било поприменливо отколку денес, во овој свет којшто е сѐ повеќе поврзан на многу начини. Доколку сакаме нашите општества да бидат инклузивни, треба да ги славиме диверзитетот и разноликоста и секој поединец да се чувствува способен и добредојден да придонесе за нашите заедници“, рече амбасадорот Гарет.

Според него, инклузивноста во општеството зависи од сите нас и е придобивка за сите нас.
„За да го постигнеме ова, зависиме од институциите и од нивните водачи, и треба да направиме политики на тој начин што ќе ги слушаме луѓето што имаат различни искуства. Потребни се дискусии, со едукатори, експерти, судии и со многу други кои треба да направат системот да одговара на различните потребни на различните луѓе“, додаде Гарет.
Неда Чаловска, проектна координаторка во Хелсиншкиот комитет за човекови права, на прес-конференцијата изрази надеж дека преку овој проект ќе се допре до институциите и до граѓаните за да им се помогне на најранливите групи во општеството.
„Проектот ќе обезбеди бесплатна правна помош за жртвите од дискриминација. Еден од приоритетите ќе биде дискриминацијата да ја вклучиме во Законот за бесплатна правна помош и најранливите граѓани да добијат можност да започнат постапка за заштита од дискриминација“, истакна Чаловска, кажувајќи дека со давањето бесплатна правна помош, ќе се обидат граѓаните од наведените ранливи категории да имаат поголем пристап до суд, да можат да поднесат претставки до Народниот правобранител, како и до Комисијата за заштита од дискриминација.
Инаку, спроведувањето на проектот започна во август годинава, а предвидено е проектот да трае до март 2018 година.