Bojana Stojanovic
06 Декември 2018•Ажурирај: 08 Декември 2018
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во денешниот телефонски разговор се согласија дека зачувувањето на мирот и стабилноста е од најголем интерес за Србија и за целиот регион, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што е соопштено од српското Претседателство, Вучиќ се заблагодарил на генералниот секретар Столтенберг за констатацијата дека не е време за формирање војска на Косово, односно дека намерата на Косово да ги трансформира безбедносните сили во војска доаѓа во погрешно време.
Двајцата соговорници се договориле да останат во постојан и директен контакт, како и за тоа, Војската на Србија повторно да воспостави секојдневни контакти со силите КФОР на Косово, за да разменуваат информации и да го следат развојот на ситуацијата.
Исто така, Вучиќ го запознал Столтенберг со проблемите со кои Србија, а посебно српскиот народ на Косово, се соочува поради ирационалниот потег на Приштина да воведе такса од 100 отсто на стоката од централна Србија, спротивно на спогодбите и договорите.
Генералниот секретар на НАТО изразил благодарност на Вучиќ за одличната организација на вежбите за пружање помош во вонредни ситуации, која со 900 учесници, беше најголема вежба од тој вид до денес, одржана во октомври во Србија. Тој, исто така нагласил колку го цени придонесот на Србија за мирот и стабилноста во регионот.