Abdula Berisha
01 Јули 2019•Ажурирај: 02 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија (МВР) го промовираше списанието „Безбедност“, кое ќе биде меѓународно списание каде што ќе се објавуваат текстови од домашни и странски експерти од сферата на безбедноста, јавува Anadolu Agency (AA).
На промоцијата беа присутни голем број претставници од МВР на чело со вицепремиерот и министер Оливер Спасовски, уредникот на списанието „Безбедност“, професорот Никола Дујовски, основачот на списанието, Љупчо Арнаудовски, универзитетски професори и експерти.
Министерот Спасовски изрази задоволство поради возобновувањето на меѓународното списание „Безбедност“, истакнувајќи дека преку него ќе се спојат научното и практичното знаење.
„Со тоа правиме еден спој на науката и на практиката, отвораме широки можности и на научните работници и на луѓето од практиката вработени во Министерството за внатрешни работи и во другите институции за спроведување на законот да објавуваат свои трудови“, рече Спасовски, додавајќи дека ова списание ќе придонесе за размена на знаењето со другите држави поради тоа што во него ќе се објавуваат текстови од странски експерти.
Вториот дел од настанот беше посветен на дебатата за најавениот процес на ветинг во МВР, за кој Спасовски рече дека ќе ги опфати сите вработени на МВР, во којшто ќе се опфатат стручното образование, интегритетот, имотната состојба и евентуални криминални активности.
Професорот Дујовски рече дека процесот на ветинг треба да биде бескрајно чист процес на селекција, при што ќе се ангажираат само оние кои имаат интегритет.
„Полицискиот службеник мора да има интегритет. Интегритет подразбира отпорност на какви било влијанија што не се предвидени во законите. Понатаму, полицискиот службеник мора да има логичен редослед во кариерата“, рече Дујовски, објаснувајќи дека треба да се има голема посветеност да ѝ се служи на државата.
Дујовски истакна дека е предвидено процесот на ветинг во МВР да не се одвива само со кадрите на оваа институција, туку треба и од судството и обвинителството.