Admir Fazlagic
14 Јули 2018•Ажурирај: 15 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, денеска оствари средба со Бејтуш Гаши, министер за внатрешни работи на Република Косово, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Досегашната соработка помеѓу двете министерства е оценета како успешна, и на политичко и на оперативно ниво“, информираше Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
„Министрите разговараа за преземање понатамошни активности за олеснување и подобрување на протокот на патници на граничните премини помеѓу двете држави. Интерес на двете министерства е унапредување и продлабочување на билатералната полициска соработка, со цел да се зајакне борбата против организираниот криминал и другите облици на криминално дејствување“, се вели во соопштението.
Министерот Спасовски ги презентирал досегашните искуства и работа на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди кои се насочени кон утврдување на непрофесионално и незаконито постапување на полициските службеници и вработените во Министерството за внатрешни работи.
Тој посочил дека Одделот соработува и со граѓанските организации и Народниот правобранител, и го запозна својот колега со новиот модел на воспоставување независен надворешен механизам за контрола над полициското работење.
„Министрите се договорија во претстојниот период да се спроведат заеднички посети и средби на експертско ниво, во интерес на унапредување на постојната соработка и заедничко справување со глобалните безбедносни и сигурносни закани“, соопштуваат од МВР.