Abdula Berisha
14 Ноември 2022•Ажурирај: 16 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и премиерот на Албанија, Еди Рама, ја истакнаа блиската соработка меѓу двете земји на повеќе полиња, особено во справувањето со енергетската криза, јавува Агенција Анадолија (AA).
Ковачевски и Рама одржаа заедничка прес-конференција во Скопје, по одржувањето на Меѓувладината седница меѓу владите на двете земји.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, рече дека двајцата премиери имаат голема волја за соработка за сите предизвици и дека се заедно на европскиот пат.

Ковачевски рече дека меѓу двете влади се потпишани повеќе меморандуми за унапредување на соработката речиси во сите области, со посебен фокус кон енергетиката.
Зборувајќи за предизвиците со кои се соочуваат земјите, тој рече дека двете земји се вистински пример за тоа како се градат добри односи меѓу соседите.
„Денес ги поставуваме основите за тоа како ќе ги развиваме нашите две земји додека заеднички чекориме на европскиот пат, за тоа како да ги направиме нашите држави подобро место за живеење, да дадеме потврда дека посветено работиме, но и да дадеме надеж дека утре ќе биде подобро. Од оваа криза ќе излеземе заеднички, солидарно, и никој нема да биде оставен сам", рече Ковачевски.
Премиерот на Северна Македонија исто така ѝ се заблагодари на Албанија за поддршката дадена за време на членството на земјата во НАТО.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, во својот говор истакна дека двете влади имале продуктивен состанок, на кој се финализираа 21 акт договорени во интензивна интеракција меѓу двете влади.
Рама исто така рече дека се договорени и неколку иницијативи поврзани со изградба на инфраструктурата на Коридорот 8 и изградба на т.н. „суво пристаниште“ во Струга, во рамки на проектирањето на новото комерцијално пристаниште во Драч.
Рама истакна дека оваа средба доаѓа во исклучително предизвикувачки момент за Европа, нагласувајќи дека иако тие не ја започнаа војната во Украина, сепак ги трпат нејзините последици.
Во овој контекст, Рама рече дека колку повеќе соработуваат државите, толку подобро ќе можат да се справат со овие сложени ситуации.
„Многу ми е драго што со Северна Македонија поставивме исклучително силни темели за изградба на заедничка иднина која ќе биде иднина со целосно почитување на слободите и правата на нашите народи, но во исто време и иднина со благосостојба за следната генерација“, изјави Рама.
Тој додаде дека билатералните односи никогаш не биле подобри, додавајќи дека тие континуирано се подобруваат, особено во економската сфера.
Во рамки на денешната меѓувладина седница на Северна Македонија и Албанија, ресорните министерства од двете влади потпишаа договори и меморандуми кои се однесуваат на повеќе области.