СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје Светска банка го презентираше редовниот полугодишен извештај за земјите од Западен Балкан, во кој се наведува дека земјите од Западниот Балкан растат со побрз чекор отколку во 2015 година, со тоа што регионалниот раст е предвиден на 2,8 проценти во 2016, односно ,3,2 проценти во 2017 година, според најновиот Редовен економски извештај на Светската банка за Западен Балкан (ЗБРЕИ), јавува Anadolu Agency (AA).
„Забрзаниот раст во Албанија и во Србија го надомести послабото ширење во Црна Гора и Република Македонија, додека пак иако растот во Косово забави во 2016 година, сепак, оваа економија и понатаму забележува најбрз раст", се вели во извештајот.
Според извештајот, повеќето нови работни места и ниските цени придонесуваат за намалување на сиромаштијата во регионот, со тоа што просечните стапки на ситомаштијата се намалија за скоро два процентни поени во Албанија, Македонија, Црна Гора и Србија во 2016 година, што заедно со други придобивки придонесе за извлекување на околу 240.000 луѓе од сиромаштијата во изминатите три години.
Се наведува дека во 2016 година најголем раст осврари Косово со 3,6 проценти, потоа Албанија 3,2, Србија и БиХ 2,8, Македонија 2,4 и Црна Гора 2,1 осто, додека стапката на раст во 2016 година за Западен Балкан изнесува 2,8 проценти.
Проекциите за 2017 година се дека Косово ќе оствари наголем раст, и тоа 3,9 отсто, по што следува Албанија со 3,5 отсто, Црна Гора 3,3, БиХ 3.2, Србија со 3 отсто, Македонија 2,8 отсто, додека проектираната стапка на раст за Западен Балкан изнесува 3,2 отсто.
„Закрепнувањето на растот во Западниот Балкан забрза во 2016. година со охрабрувачки намалувања на невработеноста и сиромаштијата", изјави Елен Голдстин, регионален директор на Светската банка за Западен Балкан.
И покрај ваквкиот напредок, според извештајот на СБ, пазарот на трудот и понатаму претставува предизвик во земјите од Западен Балкан, со тоа што стапката на невработеност се движи околу 22 проценти во 2016 година.
- Македонија: Растот забави како последица на намелените инвестиции поради политичката криза
Бојан Шимбов, економист во Светската банка презентирајќи го полугодишниот извештај за Македонија рече дека растот во земјава минатата година забави како последица на намалените инвестиции поради политичката криза во државата. Шимбов ги претстави и главните пораки од извештајот.
„Главните пораки за Макеоднија кои би сакале да ги испратиме е дека растот забави како последица на намалените инвестиции кои беа погодени од политичката криза. Финалната потрошувачка како и минатата година остана главен двигател на растот, поткрепена од подобрување на пазарот на труд како и платите во јавниот сектор, создавањето на работните места продолжи и беше поддржано од активините мерки на пазарот на труд и некои придобивки во приватниот сектор. Фискалниот дефицит се намали во 2016. година, главно поради нереализирани капитални инвестиции, додека трошењето на социјални трансфери, вклучително и пензии се зголеми", истакна Шимбов.
Според него, ќе бидат потребни фискална консолидација и структурни реформи за да се стабилизира јавниот долг кој продолжи да расте во 2016 година
Извештајот на Светската банка нотира подобрување на фискалните биланси ширум регионот во Западен Балкан.
„Дел од земјите го остварија ова истовремено штитејќи, односно зголемувајќи ги инвестициските трошења, што пак ќе придонесе за забрзување на растот во иднината", велат Марко Хернандез и Екатерија Вострокнутова, водечките економски коавтори на извештајот.
„Други земји пак, ги намалија своите дефицити со намалување на инвестициите, иако ги зголемија платите, пензиите, трансферите и субвенциите. Ова неповолно ќе влијае на идниот раст", велат тие.
Според извештајот, за одржување на растот во земјите од Западен Балкан и справување со текоовните предизвици поврзани со невработеноста, земјите треба да продолжат по патот на реформите.
Краткорочните и долгорочните перспективи за раст во регионот се позитивни.