Admir Fazlagic
18 Август 2020•Ажурирај: 19 Август 2020
СКОПЈЕ
Претстојната учебна 2020/2021 ќе почне со онлајн настава, освен за учениците од прво до трето одделение и во училишта со помал број ученици и паралелки во средини со стабилна епидемиолошка состојба, за што општините ќе добиваат согласности од Владата на Република Северна Македонија, соопштија денеска министрите за образование и за здравство, Арбер Адеми и Венко Филипче, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопштија, ова беше и конечен предлог на Комисијата за заразни болести, а одлуката денеска на седница ја донесе Владата на Северна Македонија.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција рече дека според протоколот, во училницата нема да има повеќе од 20 деца, распоредени на растојание од 1,5 метар, со носење заштитни маски.
„Наставникот цело време ќе треба да биде со учениците, нема да излегува на одмор, а почетоците на часовите по паралелки ќе бидат со десет минути разлика за децата да не се среќаваат во ходници и на влезовите од училиштата. За протоколите се веќе информирани наставниците", рече Филипче и додаде дека тие обезбедуваат мнимален ризик за ширење на вирусот.
Исто така, како што рече министерот Филипче, вториот исклучок каде што ќе се организира настава со физичко присуство се училиштата со мал број ученици во средини со стабилна епидемиолошка состојба. На барање на општините односно основачите на улилиштата ќе им се дава согласност, откако барањата ќе се разгледаат во министерствата за здравство и за образование и во Владата.
Според него, и во овој случај ќе има можност за согласност на родителите
„И покрај крајната цел децата да се вратат во училиштата, се додека сме соочени со вирусот, мора максимално да бидеме свесни и внимателни да се намали ризикот и образовниот процес да биде безбеден за децата, наставниот кадар и за семејствата. Образвнието е неспорно, но не треба да го занемариме здравствениот аспект и ризикот од трансмисија во училиштата", изјави Филипче.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми рече дека најмалите ученици ќе следат настава со присуство во училниците и поради важноста на нивниот социоемоционален развој.
„Освен овие два исклучока, ученици од прво до трето одделение и училишта со мал број ученици, за другите ученици наставата ќе биде онлајн со двонасочна комуникација. Продолжува да се надградува платформата Едуино.мк, на која се ставаат видеолекции и ќе има теми и материјали во согласност со наставната програма за првото полугодие и тримесечје. Во меѓувреме, со Министерството за информатичко општество и администрација се работи на унифицираната национална платформа за учење од далечина", рече Адеми.
Тој додаде дека ова било тешка одлука, која е донесена низ бројни консултации и со инклузивен пристап за најбезбедно решение.
Министерот Адеми рече и дека за почетокот на учебната година и за наставните часови, за кои се подготвени предлози да траат по десет минути пократко од регуларните (30 минути во основно и 35 минути во средно образвание) дека треба да се направат измени на законите за што е потребно да функционира Собранието.
Потсетуваме, здравствените власти во Северна Македонија на 10 март оваа година соопштија дека со цел спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), Владата донесе одлука за прекинување на воспитно-образовниот процес и настава во сите детски градинки, основни и средни училишта, како и наставната дејност во високообразовните институции.
Наставата со далечинско учење поради состојбата со коронавирусот во земјата, продолжи до 10 јуни, односно до крајот на учебната година.
Во Северна Македонија моментално вкупната бројка на дијагностицирани случаи Ковид-19 изнесува 12.970, додека вкупната бројка на смртни случаи од овој вирус изнесува 549, а бројката на мометално активни случаи е 2.908.