Edıta Zekjırovıkj
12 Јули 2022•Ажурирај: 13 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје се одржа традиционалниот Марш на мирот, со кој Бошњаците и граѓаните од различните етнички заедници во Република Северна Македонија (РСМ) го одбележаа 11 Јули - Денот на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, јавува Агенција Анадолија (АА).
На Маршот присуствуваше министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска.
Маршот на мирот се одржа во организација на Бошњачкиот национален совет (БНС) во Северна Македонија, а со поддршка на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС).

Претседателот на БНС, Џевад Хот, истакна дека традиционалниот марш се одржува за да се оддаде почест на жртвите, но и да се испрати силна порака до целиот свет.
„За да испратиме порака од срцето на Скопје на целиот свет, на целото човештво, марширавме низ скопските улици со порака: ‘Никогаш, никаде и никому да не му се случи тоа што им се случи на Бошњаците во Сребреница’. Добро е што на нашиот традиционален марш за Сребреница се повеќе има млади луѓе, важно е младите да ја знаат својата историја, бидејќи кој не ја знае историјата не може да изгради иднина“, рече Хот.
Минатата недела, Комитетот за односи меѓу заедниците кое е постојано работно тело на Собранието на Северна Македонија, одржа комеморативна седница за да го одбележи 11 Јули - Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, на која присуствуваше претседателот на Собранието на РСМ, Џафери.
Потсетуваме, низ годините наназад Бошњаците во Северна Македонија со низа информативни и културни настани се присетуваат на жртвите од геноцидот во Сребреница.

Собранието на Република Северна Македонија во февруари 2010 година ја поддржа Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница.
Во јули 1995 година единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ извршија геноцид врз Бошњаците во Сребреница, при што ја нападнаа „заштитената енклава на ОН“ во Сребреница.
Во геноцидот се убиени 8.372 лица, а десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми, барајќи го патот кон слободната територија.
На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари досега се погребани 6.671 жртва, а денеска со колективен погреб на посмртните останки се погребани 50 жртви на геноцидот.