Edıta Zekjırovıkj
05 Мај 2022•Ажурирај: 06 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) – Во присуство на претставници на Владата, декани од Филолошкиот факултет во Скопје и Тетово, професори, академици, научници, студенти и ученици, во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се одбележа 5 мај – Денот на македонскиот јазик, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓу присутните беа и Лулзим Алију, заменик-министер за образование и наука, Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка и Елван Хасановиќ, раководителка на секторот „Наука“ во Министерството за образование.

Македонскиот актер Васил Зафирчев го отвори настанот со интерпретирање на извадок од последната статија „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“ од книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков и поезија од Радован Павловски, насловена „Маја“.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, Елена Јованова-Грујовска, честитајќи им го Денот на македонскиот јазик на присутните, потсети зошто е важен овој ден.
„Одлуката за овој датум е поврзана со Решението на Народната влада на Федерална Македонија, објавено на 5 мај 1945 година, со кое се усвојува азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. За потоа на 7 јуни да следува озаконувањето на првиот правопис со што е кодифициран македонскиот јазик“, рече Грујовска.
Таа додаде дека со денешниот настан им се оддава почит на сите претходници кои низ вековите го создавале писмениот македонски јазик, а особено ги истакна Крсте Мисирков, кој со своето дело „За македонцките работи“ ги зацртал азбуката и правописот, и Блаже Конески кој во рамките на македонската држава придонел за конечното оформување, озаконување и кодификација на македонскиот јазик.

Заменик-министерот за образование и наука, Лулзим Алију, рече дека македонскиот јазик е јазик кој го говорат речиси сите граѓани на Северна Македонија и тој ги поврзува не само македонската и албанската, туку и сите други етнички заедници, олеснувајќи ја меѓусебната комуникација.
„Затоа посакувам јазикот да продолжи да се развива и да се унапредува, и повеќе од кога било во минатото да се покаже грижа за неговата заштита затоа што е суштински елемент на националниот и културниот идентитет на Македонците, на моите сограѓани, пријатели и колеги“, рече Алију.
Раководителка на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, Искра Пановска Димкова, рече дека оваа година, одбележувањето на Денот на македонскиот јазик има посебно значење затоа што по 30 години, македонистичките катедри на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ги допрецизираа и ги сменија своите називи.

„Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици се преименува во Катедра за македонски јазик, а Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности во Катедра за македонска книжевност и култура. Со овој чекор комплетно се заокружува македонистиката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје“, рече Пановска Димкова.
Учениците и студентите ја посетија и спомен-собата на Крсте Мисирков во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, каде што можеа да видат фотографии и документи, кои сведочат за целиот живот на Мисирков, почнувајќи од детството до образовната, научната, дипломатската и револуционерната активност на првиот кодификатор на македонскиот јазик.
Посебно место во Институтот зазема книгата „За македонцките работи“, објавена во револуционерната 1903 година.
