Husamedin Gina
11 Јули 2020•Ажурирај: 12 Јули 2020
СКОПЈЕ (АА) – По повод 25-годишнината од геноцидот во Сребреница, вечерва, во организација на Бошњачкиот истражувачки центар „Лилиум босниакум“ од Скопје беше прикажан документарниот филм „Судењето на Ратко Младиќ“ („The Trial of Ratko Mladic“) во кој се прикажува судењето на генералот на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој е прогласен за виновен за геноцидот во Сребреница и за злосторства против човештвото од Меѓународниот кривичен суд во Хаг, јавува Агенција Анадолија (АА).
Аделаид Каришик, претседателот на Бошњачкиот истражувачки центар во Северна Македонија, во изјавата за АА истакна дека новиот документарец, во режија на Хенри Сингер и Роб Милер, го прикажува судскиот процес против Ратко Младич во Хашкиот трибунал, во кој се изнесени над 10.000 докази.
„Она што треба да се знае за овој документарец е дека во текот на снимањето се одржани повеќе од 530 рочишта, изнесени повеќе од 10 илјади докази, и исто така сослушани се 592 сведоци. Како епилог на ова судење е тоа што Ратко Младиќ е осуден за геноцидот во Сребреница, и прогласен за виновен по 10 од вкупно 11 точки со кои се товари во обвинението“, истакна Каришик.
Наведувајќи дека Бошњаците што живеат во Северна Македонија сочувствуваат со болката на граѓаните на Сребреница и општо со болката на бошњачкиот народ за геноцидот во Сребреница, Каришик рече дека геноцидот бил планиран за цела Босна, но успеал да се спроведе само во Сребреница.
Продукцијата на документарецот траела осум години, започнувајќи во 2011 година, на денот кога Младиќ беше уапсен по 16 години поминати во бегство.
Поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС) со првостепена пресуда што му е изречена во ноември 2017 година од Меѓународниот кривичен суд во Хаг, осуден е за геноцид во Сребреница, прогон на Бошњаците и Хрватите низ БиХ, тероризирање на цивилното население на Сараево и земање на припадници на мировните сили на ОН како заложници. Младиќ првостепено е осуден на доживотен затвор.
Во 1995 година воените, паравоените и полициските формации од Република Српска и Србија извршија геноцид над Бошњаците во Сребреница, Заштитената зона на Обединетите нации. Во геноцидот беа убиени најмалку 8.372 цивили.