Admir Fazlagic
01 Септември 2019•Ажурирај: 02 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - По дводневна расправа, Собранието на Република Северна Македонија го прифати предлогот за избор на министри и заменици министри во Владата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Зоран Заев пред пратениците имаше свое излагање со кое ги образложи предлозите за избор на членови на Владата, за испразнетите позиции за министри или заменици министри во одделни ресори.
За нови членови на Владата ги предложи, а Собранието ги прифати Нина Ангеловска, за министерка која ќе раководи со Министерството за финансии и Хисен Џемаили, за министер без ресор, кој ќе биде задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.
Во образложението за предлогот Нина Ангеловска, да биде министерка за финансии, премиерот Заев истакна дека Ангеловска со своите 31 година, е пример дека секој, сите млади луѓе во земјата имаат шанса да се стекнат со ваква позиција, но и со одговорност.
Пред да биде избрана Ангеловска за министер за финансии, со ова министерство раководеше премиерот Заев, откако на крајот од јуни месец на предлог на Владата, Собранието изгласа разрешување на Драган Тевдовски, од позицијата министер за финансии.
Во своето образложение Хисен Џемаили од Демократска унија за интеграција (ДУИ), да биде министер без ресор, кој ќе биде задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, премиерот Заев рече дека Џемаили доаѓа од Катедрата по географија на Државниот универзитет во Тетово.
Премиерот Заев истакна дека неговите академски специјалности се економските аспекти на одржливиот развој, што воедно е и тема на неговиот докторат во тек, како и животната средина и локалниот економски развој, и дека во неговата политичка кариера остварил значаен придонес како пратеник во Собранието и како советник во локалната самоуправа во општина Тетово.
На собраниска седница беше прифатен и предлогот за заменици министри да бидат избрани Кирил Колемишевски, за заменик министер во Министерството за економија; Елизабета Наумовска, за заменик во Министерството за образование и наука; и Неџат Мехмедовиќ, за заменик во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.