Admir Fazlagic
29 Август 2020•Ажурирај: 30 Август 2020
СКОПЈЕ
Собранието денеска започна со седницата на чиј дневен ред е изборот на новата Влада на Репбулика Северна Македонија, во рамките на која се одржа целодневна расправа, јавува Агенција Анадолија (АА).
На почетокот на седницата свое обраќање до јавноста имаше мандатарот Зоран Заев, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и коалицијата „Можеме" која освои најголем број гласови на предвремените парламентрни избори одржани на 15 јули.
Во своето обраќање пред пратениците Заев рече дека се обврзува како премиер на идната Влада, заедно со членовите на Владата, дека ќе покажат дека можат уште подобро и уште повеќе. Исполнување на стратешките приоритети на земјата, подинамичен економски раст, ефикасна правна држава, силни институции, успешно справување со пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), активно членство во НАТО, силна волја за учество на преговорите за членство во ЕУ и добри меѓунетнички и меѓусоседски односи беа меѓу главните поенти кои во своето обраќање ги истакна мандатарот Заев, претставувајќи ја предлог програмата на Владата.
Во продолжението на дискусијата, пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и пратениците од опозициската Алијанса за Албанците и Алтернатива рекоа дека „ништо добро не очекуваат од овој предложен состав на извршната власт", како и дека тие ќе гласаат против.
По денешните дискусии во Собранието, најавено е седницата за избор на новата Влада да продолжи утре, а по дискусијата, предлог владината програма и избор на членовите на Владата ќе бидат ставени на гласање.
За да биде изгласана Владата во Собранието, потребно е за да гласаат мнозинството од пратениците, односно најмалку 61 од вкупно 120 пратеници колку што брои Собранието.
Според процедурите, за избор на новата Влада треба да се гласа најдоцна до утре на полноќ.
Потсетуваме, по предремените парламентарни избори одржани на 15 јули, почнаа преговорите помеѓу политичките партии за состав на новата Влада. Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски на 13 август му додели мандатот за состав на новата влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој ја предводи коалицијата „Можеме" која освои најголем број гласови на изборите.
На 18 август, СДСМ и Демократската унија за интеграција (ДУИ) соопштија дека постигнале договор за создавање парламентарно мнозинство во кое освен освие две партии ќе учествува и Демократската партија на Албанците.
На 21 август се одржа продолжување на конститутивната седница на Собранието на Република Северна Македонија, при што за претседател на Собранието повторно беше избран Талат Џафери.