Admir Fazlagic
19 Декември 2017•Ажурирај: 20 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) денеска одржа прес-конференција на која информираше дека се отворени седум нови истраги во кои се осомничени 17 лица за злоупотреба на службена должност, измама и други кривични дела, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека првата истрага го носи името „Странски служби“ и се однесува на две осомничени лица, едно директен извршител, а другото како поттикнувач.
Како што наведе таа, првоосомничениот е поранешен началник за оперативна техника во УБК кој направил извештај за да се потврди тогаш промовираната теза дека нелегалното масовно прислушување го вршеле тајни служби. Во декември 2014 година, преку фаворизирање странска компанија добила тендер за опрема во МВР. Целата постапка, според СЈО, е незаконски спроведена.
Во вториот случај „Друмарина“ осомничена е поранешна пратеничка за злоупотреба на надомест за патни трошоци во периодот од јули 2011 до декември 2015 година. Како што наведе обвинителката Фетаи, осомничената давала лажни фискални сметки за реализирани патувања од местото на живеење, иако имала сместување во Скопје. Утврдено е дека километражата на возилото со кое ги реализирала патувањата била 133.520 километри. Со тоа направила злоупотреба на средства во износ од околу 100.000 евра.
Третата истрага, наречена „Рендген“ се однесува на поранешен министер за здравство за набавка на опрема за радиолошки лаборатории во 2012 година. Тој е осомничен за фаворизирање на една фирма да го добие тендерот за опремата. Во врска со случајот се наведува дека е направена злоупотреба вредна околу 860.000 евра.
Четвртата истрага „Продуцент“ се однесува на поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство кој во ноември 2009 година без јавна набавка склучил договор со продуцентската куќа за снимање емисија која се емитувала на приватна телевизија во вредност од 50.000 евра.
Петтата истрага „Лидери“ што ја отвори СЈО произлегува од обавен телефонски разговор меѓу лидери на две политички партии во врска со уривање на нелегално изграден објект. Осомничен е сопственикот на објектот што бил изграден во периодот од ноември 2011 до февруари 2013 година без одобрение на површина од 1.000 метри квадратни.
Шестиот случај „Тарифа 2“ се однесува на злоупотреба на набавка на ЕРП софтвер во ЕЛЕМ. Осомничено е едно лице кое веќе е обвинето и во предметот „Тарифа“. Вкупната направена штета со извршените злоупотреби е 288.880 евра.
Седмата истрага „Транспортер 2“ е продолжение на случајот „Транспортер 1“, а се однесува на злоупотреби со превоз на ученици во Битола во периодот од 2009 до 2011 година. И во оваа истрага осомничен е поранешниот градоначалник на Битола, но и тројца директори на основни училишта. Вкупната причинета штета со направените злоупотреби во „Транспортер 2“ изнесува 1.873.583 денари.
Меѓу другото, на денешната прес конференција, обвинителката Катица Јанева, побара да се донесат соодветни решенија со цел обвинителството по истекот на мандатот во 2020 година да функционира во рамки на Основното јавно обвинителство.