Bojan Bednar
17 Јануари 2022•Ажурирај: 18 Јануари 2022
БЕЛГРАД (АА) - Српската републичка изборна комисија (РИК) денеска соопшти дека на референдумот за промена на Уставот во областа на правосудството, 59,71 отсто од гласачите гласале „за“, а 39,26 отсто гласале „против“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата РИК соопшти дека ова се привремени резултати врз основа на 98,79 отсто обработени гласачки места, односно 98,24 отсто од гласачкото тело, но дека овој резултат е „многу, многу, многу блиску до конечниот“.
За понудениот одговор „да“ гласале 1.170.406 граѓани, а за „не“ 769.481 граѓанин.
Според овие податоци, гласале 1.960.010 граѓани, што е 30,65 отсто од вкупниот број граѓани запишани во гласачките списоци, а неважечки ливчиња биле 19.496 или 0,99 отсто од бројот на гласачи што излегле на референдумот.
Српската премиерка Ана Брнабиќ на сите граѓани им го честита успехот на референдумот. Таа на својот инстаграм-профил оцени дека е направен голем чекор во зајакнувањето на владеењето на правото и натамошната демократизација на нивното општество и наведе дека Србија за прв пат во својата историја ќе добие независно судство и независно обвинителство.
Таа им се заблагодари на сите што излегле на референдумот, особено на оние што заокружиле „да“, со што помогнале да се донесе „многу важна одлука“ за иднината на Србија.