Bojana Stojanovic
01 Ноември 2018•Ажурирај: 02 Ноември 2018
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Одборот за надворешни работи на Големото народно собрание на Турција, Волкан Бозкир, во рамките на посетата на Србија, денес оствари средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, на која, меѓу другото, станало збор и за меѓусебната соработка на Турција и Србија во областа на туризмот и развојот на инфраструктурните проекти во Србија, пренесува Anadolu Agency (AA).
На состанокот во српското Претседателство, Бозкир нагласи дека е неопходно да се работи на развој на соработката во областа на туризмот, истакнувајќи дека бројот на туристи кои ги посетуваат двете земји се зголемува, но дека сè уште е недоволен, со оглед на туристичкиот потенцијал на двете држави.
Тој ја поздрави заложбата на српскиот претседател Александар Вучиќ за развој на инфраструктурата, особено за проектот за реконструкција на патниот правец Нови Пазар - Тутин и изградбата на Автопатот кон Босна и Херцеговина.
Двајцата соговорници разговараа и за претстојната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Србија, планирана за почетокот на следната година.
Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека Србија ја смета Турција за вистинска пријателска земја, и дека меѓусебната соработка во сите области е на многу високо ниво. Тој нагласи дека има многу турски инвеститори во Србија, кои обезбедуваат нови работни места и подобар стандард за граѓаните, за што доказ е високото ниво на доверба во деловното опкружување во Србија.
„Турција ја гледаме како важен партнер во зачувувањето на регионалниот мир и стабилност“, нагласил Вучиќ, се соопштува од Претседателството на Србија.
Во оваа пригода, Вучиќ на соговорниците им го честитал Денот на Републиката и отворањето на новиот аеродром, на кое и самиот присуствуваше пред два дена во Истанбул.