Besar Ademi
28 Јуни 2017•Ажурирај: 29 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - На иницијатива на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во Скопје се состанаа албанските парламентарни партии во Македонија со цел да го разгледаат имплементирањето на програмските определби од „Заедничката декларација“ потпишана од страна на албанските политички партии пред формирањето на новата Влада на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
По тричасовната средба, лидерот на ДУИ нагласи дека денешната средба е продолжение на досегашните консултации меѓу албанските парламентарни партии во Македонија.
„Ја оценивме добрата работа која е направена досега. Направивме еден биланс на сите изборни програми на политичките партии, со што констатиравме дека еден дел од тие определби веќе се вклучени во програмата на Владата на Македонија“ изјави Ахмети.
Ахмети истакна дека програмите на албанските политички партии се слични и нагласи дека соседските односи се една точка од нивната политичка програма. Ахмети додаде дека средбите на македонскиот министер за надворешни работи во Грција како и средбата на владината делегација предводена од страна на премиерот Зоран Заев во Бугарија, била нивна иницијатива.
Движењето БЕСА, не ја прифати поканата на лидерот на ДУИ, а претходно преку соопштение предложија средбата да се одржи во Собранието на Македонија. Предложиј како точка на дневниот ред да се разгледа извештај од страна на ДУИ и Алијанса за Албанците за тоа што е вклучено во владината програма од заедничката декларација на албанските партии, како и со каква динамика ќе се имплементира истата. Исто така, од Движењето БЕСА предложија на средбата да се дискутира и за подготовка на план за предлог закон за албанскиот јазик како и за формирање на работни групи за неговата имплементација.
Денеска за првпат на средбата се приклучи и Демократската партија на Албанците (ДПА), која претходно соопшти дека заедничката декларација потпишана од страна на албанските партии е една „политичка игра“. Оваа партија, чиј лидер беше отсутен на состанокот, го испрати партискиот портпарол, Луан Треси, кој нагласи дека ДПА ќе поддржи секаква институционална иницијатива која е поврзана со унапредување на правата на албанците, како и било кое прашање што е поврзана со евроинтеграцијата на земјата.
„Потписничките партии на платформата декларирале дека преку ова ќе се унапредуваат правата на Албанците во Македонија. Затоа, ние одлучивме да учествуваме на оваа средба, за поточно да се информираме за тоа до каде е нивната реализација, како и кои се нивните планови за иднина“, рече Треси.
Потсетуваме, „Заедничката декларација“ меѓу албанските политички субјекти во Македонија е постигната по предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година со посредство на премиерот на Албанија, Еди Рама. Преку оваа заедничка декларација, каде се вклучени неколку барања за правата на Албанците во Македонија, албанските лидери истакнаа дека нема да бидат дел од Владата на Македонија ако не се имплементираат нивните барања наведени во декларацијата.