Abdula Berisha
08 Октомври 2020•Ажурирај: 10 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на заедничката прес-конференција во Брисел со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, најави дополнителна помош на земјата во борбата против новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг на прес-конференцијата рече дека во тешки времиња сојузниците се поважни од кога било, најавувајќи дополнителна помош за Северна Македонија во справувањето со ситуацијата создадена од Ковид-19.
„Сојузниците обезбедија медицински материјали и финансиска помош за да го олеснат товарот на вашиот здравствен систем и да спасат животи. Денес можам да објавам дека Северна Македонија ќе добие пакет помош од новите залихи на НАТО, 60 респиратори и друга итно потребна опрема во вредност од околу 1,4 милиони евра“, рече Столтенберг.
Тој понатаму истакна дека ова е дополнителна поддршка на она што Северна Македонија веќе го има добиено, додавајќи: „Ова е солидарноста на НАТО на дело“.
Столтенберг, исто така, рече дека новите тимови на НАТО против хибридни закани се подготвени да им помогнат на сојузниците, додавајќи дека НАТО нема да дозволи здравствената криза да се претвори во безбедносна криза.
Од друга страна, премиерот Заев истакна дека ова е негова прва посета во странство по неговиот реизбор на чело на владата на Северна Македонија, истовремено изразувајќи благодарност за помошта што НАТО и ја дава на земјата.
„Северна Македонија е целосно посветена на своите обврски како нова земја-членка на НАТО. И покрај економските предизвици кои се должат на пандемијата, остануваме решени да го зголемиме нашиот одбрамбен буџет за 0,2 проценти годишно и до 2024 година ќе достигнеме до 2 проценти од БДП“, рече Заев.
Тој исто така предупреди дека војниците на Саверна Македонија ќе продолжат да бидат дел од мисиите на НАТО ширум светот, додавајќи дека членството на земјата во НАТО е добро за безбедноста и стабилноста на регионот.
Премиерот Заев ја предводи владината делегација од Северна Македонија, во која се и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кои престојуваат во седиштето на НАТО каде е закажан работен состанок со генералниот секретар Столтенберг.