Abdula Berisha
08 Октомври 2020•Ажурирај: 09 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Во Република Северна Македонија во последните 24 часа регистрирани се 364 нови случаи на новиот тип на коронавирусот (Ковид-19), со што вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјата се искачи на 19.777, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека од последиците на Ковид-19 во изминатите 24 часа починаа три лица, со што бројката на починати од овој вирус во земјата се искачи на 775.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 106 оздравени пациенти, а вкупната бројката на оздравени пациенти од Ковид-19 изнесува 15.855, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.147.
Во изминатите 24 часа направени се 2140 тестирања на Ковид-19, а досега во земјата се направени вкупно 201.512 тестирања на овој вирус.
- Филипче: „Мораме да дејствуваме за да се заштитиме"
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави повторно воспоставување на некои мерки за спречување на ширењето на новиот коронавирус (Ковид-19) во земјата.
Министерот Филипче, потсетувајќи дека вчера е регистриран рекорден број од 317 нови случаи, рече дека во последните 24 часа е регистриран нов рекорд од 364 случаи и според него, јасно е дека земјата се соочува со нов бран на коронавирусот за време на есенската сезона.
Филипче презентира и податоци за состојбата во земјите од регионот и светот, нагласувајќи дека има зголемување на новите случаи.
„Од анализата на состојбата со пандемијата на светско, европско, и на ниво на нашиот регион и тука кај нас, јасно е дека есенскиот бран е тука и дека мора да дејствуваме за да се заштитиме. Состојбата во земјата, иако сè уште е стабилна, може многу лесно да ескалира и за тоа мора превентивно да дејствуваме“, рече Филипче.
Министерот за здравство рече дека Комисијата за инфективни болести предложила некои превентивни мерки што ќе ги достави до Владата за одобрување.
„Се забрануваат поголеми семејни собири, прослави и забави во домашни услови, односно се забранува групирање на граѓаните во домовите на семејни прослави, слави и други собири во групи“, рече Филипче, додавајќи дека анализите велат дека сериозен процент на новите случаи се појавуваат токму од ваквите собири.
Тој исто така рече дека ќе биде предложена забрана за собирање на повеќе од 4 лица на јавни простори по 22:00 часот, додавајќи дека се предлага да се воведе задолжително носење заштитни маски на јавни простори, со исклучок на децата под 6 години.
Министерот Филипче апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, истовремено порачувајќи дека здравствениот систем е подготвен да го издржи новиот бран на коронавирусот во есенската сезона.