Abdula Berisha
04 Јуни 2024•Ажурирај: 04 Јуни 2024
СКОПЈЕ (АА) – Студенти и вработени на најголемиот универзитет во Северна Македонија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се собраа пред платото на универзитетот да искажат солидарност со палестинскиот народ, палестинските студенти и студентите кои протестираат низ светот, јавува Анадолу.
Десетици студенти и вработени, насобрани пред споменикот на „Св. Кирил и Методиј“ во просториите на истоимениот универзитет во Скопје, носеа знамиња на Палестина, традиционални палестински носии познати како „кефије“, како и транспаренти со натписи „Што би рекол Махмуд Дарвиш за вашиот молк?“, „Биди тивок кога децата спијат, не кога умираат“, „Ова е холокаустот врз Газа“.
„УКИМци за Палестина“ порачаа дека универзитетот е должен да се огласи и да заземе став за „едно од најголемите злосторства“ во поновата историја на светот.
Посочувајќи дека неутралноста е соучество, Благица Димитрова од „Иницијативата на студентите на УКИМ против геноцидот“ порача дека треба да се застане на вистинската страна на историјата.
„Како студенти на додипломски и постдипломски, алумни и работници на УКИМ, од него бараме да заземе јасна позиција во однос на геноцидот кој Израел го врши во Газа, по примерот на многу универзитети, во форма на декларација и тоа: Јасно и јавно да го осуди геноцидот врз палестинскиот народ, јасно и јавно да искаже солидарност со Палестина, да се обврзе дека нема да склучува договори со израелски партнери додека нема траен прекин на огнот, јасно и јавно да искаже солидарност со студентското движење низ светот и да ја осуди полициската бруталност која ја трпат студентите. Заедно бараме и овој пат да застанеме на вистинската страна на историјата“, рече Димитрова.
Студентите организирани преку социјалните мрежи, направија и активности за подигање на свеста за настаните во Газа и Палестина, а претходно делеа и флаери за сензибилизирање на сите нивни колеги.