Alma Dekovic
10 Јануари 2025•Ажурирај: 11 Јануари 2025
БЕЛГРАД (АА) - Студентите денес блокираа една од најважните сообраќајни клучки во Белград за да изразат незадоволство од начинот на кој Обвинителството постапува по пријавата за напад врз нивните колеги, известува Анадолу.
Клучката „Мостар“, која ги поврзува европските правци Е-75 и Е-70 преку мостот „Газела“, беше блокирана еден час.
На студентите од Универзитетот за уметност им се придружија и колегите од другите белградски факултети.
Протестот започна пред Палатата на правдата, каде што ден претходно беа сослушани двајца од осомничените за напад врз студентите на Факултетот за драмски уметности. Сослушувањето на уште тројца осомничени е закажано за 10 јануари.
Протестот беше организиран поради незадоволство од работата на Обвинителството во врска со пријавата за напад врз студентите од Факултетот за драмски уметности за време на собирот и искажувањето почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад кон крајот на ноември.
Насобраните извикуваа „Студентите станаа, студентите не молчат“ и „Рацете ви се крвави“.
Тие најавија дека ќе се соберат пред Безбедносно-информативната агенција (БИА) во сабота на 11 јануари, а ден подоцна и пред Уставниот суд.
Истовремено, со акции од 15 минути молчење во 11:52 часот, граѓаните, средношколците и студентите на повеќе локации им оддадоа почит на загинатите во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Студентите најавија дека нема да се откажат од барањето за утврдување одговорност за смртта на 15 лица.
Трагедијата во Нови Сад на 1 ноември предизвика граѓански протести, како и кампањата „Застани, Србијо“.
Студентите бараат објавување на целата документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад и отфрлање на обвиненијата против студентите, активистите и граѓаните уапсени и приведени за време на протестите. Тие бараат поднесување кривична пријава против лицата кои нападнаа студенти, професори и граѓани на претходните собири и протести.