Кривичниот суд во Скопје во случајот „Монструм“ изрече три доживотни казни за сторено кривично дело „тероризам“, а казна затвор од 15 години за помагање кривично дело, казна затвор од 9 години за помагање кривично дело и една ослободителна пресуда, јавува Агенција Анадолија (АА).
На денешното судско рочиште во Кривичниот суд Скопје, Судот ја објави пресудата за случајот „Монструм“.
Според пресудата, обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство, Судот ги осуди на доживотен затвор за кривичното дело тероризам, а исто така и обвинетиот Агим Исмаиловиќ го осуди на доживотен затвор за кривичното дело тероризам.
„Обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се прогласуваат за виновни за сторено кривично дело тероризам од Кривичниот законик. Ги осудувам на казна затвор доживотно. Обвинетиот Агим Исмаиловиќ се прогласува за виновен за сторено кривично дело тероризам. Го осудувам на казна затвор доживотно“, рече судијата Огнен Ставрев.
Обвинетиот Фејзи Азири е прогласен за виновен за помагање на сторител по извршено кривично дело и осуден е на казна затвор во траење од 15 години.
Обвинетиот Хаки Азири е прогласен за виновен за помагање на сторител по извршено кривично дело и осуден на казна затвор во траење од 9 години.
За обвинетиот Сами Лута се одбива обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.
Судот на денешното рочиште го уважи барањето на Обвинителството и побара мерка притвор за сите осудени во случајот „Монструм“. Притворот ќе биде во сила до правосилност на пресудата.
По објавувањето на пресудата, адвокатите на обвинетите дадоа изјава за медиумите.
„Видовте дека без никакви докази, не се обрна воопшто внимание на одлуката на Врховниот суд, кој, де факто, ги ослободи овие обвинети“, рече адвокатот Насер Рауфи.
Адвокатот на обвинетите Асмир Алиспахиќ во изјавата за медумите рече дека „јавните обвинители со овој предмет покажале двојни аршини во поглед на предлозите за определување на мерка притвор коишто се актуелни во последниот период“.
„Јас укажав и укажувам дека прифаќањето на предлогот од страна на јавниот обвинител и по однос на мерката притвор е само уште една спрега помеѓу судството и Јавното обвинителство“, нагласи Алиспахиќ.
Бедри Ајдари, роднина на еден од обвинетите во „Монструм”, истакна дека се незадоволни од пресудата и повика на протест во петок, на 26 февруари, во Скопје.
- Случајот „Монструм“
Судењето за случајот „Монструм” започна на 20 декември 2012 година. Предмет на овој случај е убиството на пет лица на 12 април 2012 година кај Смилковското Езеро во околината на Скопје.
Во јуни 2014 година, шест обвинети лица во процесот „Монструм“ се осудени на доживотна казна затвор. Едно лице беше ослободено од обвинението.
Врховниот суд на 24 ноември 2017 година донесе одлука предметот „Монструм“ да се отвори повторно, а осудените лица да се пуштат од затвор под мерка на претпазливост.
Неутврдената фактичка состојба, како и евентуалното постоење на прислушувани разговори што би можеле да го сменат текот на постапката, беа причините за Обвинителството да поднесе барање до Врховниот суд за носење одлука за повторно отворање на овој случај.