Zülfiya Yakup
20 Февруари 2019•Ажурирај: 21 Февруари 2019
ПРИШТИНА (АА) - Само 10 отсто од населението на Косово го поддржува предлогот Заедницата на општини со српско мнозинство да добие извршни овластувања во замена за признавање на независноста на Косово од страна на Србија, додека 30 отсто ја поддржува корекцијата на границата за глобално признавање на Косово и за зачленување во Обединетите нации, покажува истражувањето кое го спроведе европскиот Институт за истражување и развој (RIDEA), јавува Anadolu Agency (AA).
Истражувањето на тема „Гласот на народот за големото финале помеѓу Косово и Србија“, е претставено на конференцијата на којашто учествуваше и косовскиот претседател, Хашим Тачи, како и претставниците на опозицијата и Државниот преговарачки тим на Косово за дијалогот со Србија.
Претставувајќи ги наодите од истражувањето, професорот Ентони Хет од Универзитетот „Оксфорд“ рече дека мнозинството од испитаниците, поточно 62 отсто, се изјасниле против прекин на дијалогот, и дека за тоа прашање постои голема согласност на Албанците и Србите.

„Првото сценарио е продолжување на статусoт кво, додека второто сценарио е признавање де факто од Србија кое оди заедно со извршните овластувања на Заедницата на општини со српско мнозинство. Третото сценарио е корекција на границата“, истакна професот Хет.
Само 17 отсто од испитаните граѓани се задоволни со статус кво, 10 отсто го поддржуваат предлогот Заедницата на општини со српско мнозинство да добие извршни овластувања во замена за признавање на независноста на Косово, додека корекцијата на границата за признавање од страна на Србија и отворање на патот за членство во ОН ја поддржуваат 30 отсто од испитаниците.
Хет истакна дека постојат големи разлики кога станува збор за црвените линии, па така 96 отсто од Албанците сметаат дека езерото Газивода треба да остане во рамките на Косово, додека само 5 отсто од Србите сметаат дека тоа е црвена линија.
Слично е и со рударско-металуршкиот комбинат „Трепча“. Од испитаниците 62 отсто сметаат дека Прешевската Долина треба да биде дел од Косово, додека 91 отсто од Албанците сметаат дека северниот дел на Косово не треба да се даде на Србија, а за 10 отсто од Србите тоа претставува црвена линија.
Истражувањето е спроведено на 1.000 испитаници од цело Косово, од сите 38 општини. Испитаниците се случајно избрани, меѓу нив 90 отсто беа Албанци, 9 отсто Срби и еден отсто останати.
Косовскиот претседател, Хашим Тачи, изјави дека сите добро знаат дека дијалогот е неизбежен и неопходен, и дека Косово мора еднаш засекогаш да ги расчисти односите со Србија.
Тачи повтори дека силно верува оти е време да се остави непријателството кое произвело трагедии на Косово и дека треба да се постигне конечен сеопфатен договор со Србија.
„Опцијата на одржување статус кво во односите помеѓу Косово и Србија, која некои сѐ уште ја поддржуваат, се покажа за погрешна и неодржлива. Сметам дека статусот кво е чекор назад. Во последните 12 месеци имаме влошување и регрес во односите помеѓу Косово и Србија. Не се сомневам дека доколку оваа година не постигнеме правно обврзувачки договор влегуваме во ризична зона на тие односи, што би можело да го дестабилизира целиот регион“, рече Тачи.
Косовскиот претседател истакна дека минатата година е побарано Соединетите Американски Држави (САД) директно да се вклучат во процесот на дијалогот, што е потврдено со писмото на американскиот претседател, Доналд Трамп, и државниот секретар Мајк Помпео, дека имаат силна поддршка за постигнување договор меѓу нивните две земји, кое треба да биде обострано признавање.
Коментирајќи ги резултатите од истражувањето, Тачи рече дека има впечаток дека граѓаните на Косово се согласуваат со главните политички ставови и оцени во врска со дијалогот, и, како што рече, се охрабрени од тоа.