Zülfiya Yakup
19 Јули 2018•Ажурирај: 20 Јули 2018
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, повтори дека вчерашниот ден за Косово бил историски, бидејќи Европската комисија одлучила дека Косово може да добие визна либерализација, како и дека неговиот состанок со српскиот претседател Александар Вучиќ, бил најтежок и најкраток во последните шест години, откога се води дијалогот во Брисел, јавува Anadolu Agency (AA).
Тачи на денешната прес-конференција изјави дека е тешко да се разговара со претседателот Вучиќ, кој и понатаму смета дека Косово е дел од Србија и дека Косово е срцето на Србија.
„Позициите ни се многу далечни. Позицијата на претседателот Вучиќ е далеку од реалноста. Може да се мисли дека е под притисок на тамошната јавност, но како лидери имаме обврска да ѝ разјасниме на нашата јавност каква е реалноста. Косово е независна и суверена држава и тоа мора да му биде јасно на секој, кој е на власт во Србија. Позицијата на Косово е јасна дека конечниот договор треба да биде меѓу две суверени земји“, изјави Тачи.
Понатаму нагласи дека двете земји мора да се жртвуваат за да се постигне договор, но порача и дека Косово во последните 30 години правело многу компромиси за да стигне до ова што го има денес. Тој изјави дека има гласови на критика од двете страни, но дека дијалогот е важен за сите и дека сака во наредните денови и недели да нема никакви инциденти, за да се продолжи дијалогот и да се постигне конечен договор. Претседателот Тачи, одговарајќи на прашањата на новинарите истакна и дека правата на Србите на Косово се гарантирани во потполност со документот на Ахтисари и дека се најафирмативни за една заедница во Србија.
„Мултиетничко Косово е визија за европската иднина. Зошто сме во дијалог? Поради европска иднина, бидејќи пораката на европските лидери е јасна: без нормализација на односите на земјите на Западен Балкан, без добрососедски односи, ниту една држава не може да оди кон ЕУ, а Косово ни кон НАТО“, изјави Тачи.
Косовскиот претседател изрази надеж дека конечниот договор со Србија ќе биде постигнат до крајот на оваа година.
Исто така истакна дека одлуката на Европската комисија дека Косово ги исполнило сите критериуми за укинување на визите не е подарок, туку заслуга на општеството и косовските институции кои, како што рече, работеле на исполнување на зададените критериуми. Тој нагласи дека до конечната одлука за визна либерализација остануваат уште неколку месеци, како и тоа дека Косово добива додатна одговорност, и дека не смее на никого да му се дозволи да ја злоупотреби оваа одлука.