Dzihat Aliju
27 Април 2022•Ажурирај: 28 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје е организиран ифтар со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Сојузот на Tурските Hевладини Oрганизации во Северна Македонија (МАТУСИТЕБ), известува Агенција Анадолија (АА).
На ифтарот присуствуваа амбасадорот на Република Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, заменик-претседателот на парламентот на Северна Македонија Хусни Исмаили, министерот за образование и наука на Северна Македонија, Јетон Шаќири, претседателот на Турската демократска партија (ТДП) во Северна Македонија и пратеник Бејџан Илјас, претседателот на Движењето за национално единство на Турците во Северна Македонија (ДНЕТ), Ердоган Сарач, претставници на турските институции и организации во земјата и гости.
Амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, рече дека во своите обраќања во текот на месецот Рамазан упатувале пораки во согласност со духот на Рамазан, и притоа секогаш ги истакнувале единството и солидарноста.
„Ги одржуваме убавите вредности на нашата култура кои нѐ држат заедно, а нашите деца и идните генерации ќе продолжат да ги одржуваат во живот. Децата ни се сè, тие се гаранција за нашата иднина. Сите добро знаеме дека треба да направиме сè што е потребно да им се пружи секаква можна грижа за да можат да се едуцираат на најдобар начин и што е најважно, да пораснат како добри луѓе“, истакна амбасадорот Секизќок.
Халим Омер Согут, координаторот на ТИКА - Скопје, ѝ се заблагодари на МАТУСИТЕБ, кровната организацијата во која членуваат повеќе од 60 невладини организации кои дејствуваат во Северна Македонија, за нивниот придонес во организирањето на ифтарот.
Потсетувајќи дека ТИКА од своето основање во 1992 година спроведува проекти за развој и соработка на полето на образованието, здравството, хуманитарната помош, реставрацијата и многу други области, Согут продолжи со зборовите: „Во моментов, ТИКА со 62 канцеларии за координација на програмите во 60 земји дејствува во повеќе од 150 земји низ светот. Турција преку ТИКА со проектите што ги спроведува се обидува да допре до пријателските, братските и сродните заедници, спроведувајќи проекти за сите сегменти во земјите во кои дејствуваат.“
Потсетувајќи дека ТИКА во Северна Македонија е основана во 2005 година, Согут рече дека спроведувале проекти за секого, без разлика на верската припадност, јазикот, расата или бојата, особено за сродните и пријателските заедници и за сонародниците, и додаде: „Во овој поглед, во периодот од 2005 до 2022 година, спроведени се повеќе од 1.100 проекти и активности.“
Претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, изрази благодарност до ТИКА и до татковината Република Турција за нивната поддршка.
Потсетувајќи дека вршат активности на повеќе полиња за турската заедница во Северна Македонија, Емин истакна: „Како МАТУСИТЕБ, интензивно ќе ги продолжиме нашите напори за изнаоѓање решенија за важните прашања на турската заедница во Северна Македонија, и тоа како предводници во изнаоѓањето решенија.“
На крајот од програмата, ифтарската молитва ја кажа Мустафа Местен, советникот за верски прашања на Амбасадата на Турција во Скопје.