СКОПЈЕ (АА) - Политичките партии на Турците во Северна Македонија упатија приговори на резултатите од Пописот на населението, домаќинствата и становите што се одржа во септември 2021 година во земјата, а чии резултати беа објавени вчера, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на Турската демократска партија (ТДП) многу јасно и прецизно е наведено дека не ги прифаќаат објавените резултати од пописот.
ТДП наведувајќи дека како партија, како со укажувањата што ги дале во фазата на подготовка на Законот за население, така и со активностите што ги спровеле пред турскиот народ, вложувајќи големи напори и користејќи ги сите механизми со кои располагаат, сета своја работа на теренот ја насочиле кон објаснување на важноста на пописот и неговите ефекти врз општеството, додава: „Објавените резултати се целосна недоследност и носат белези на политичка операција. Зголемувањето на турското население во 31 општина, стапката на Турците над 20 % во шест општини и постоењето на раст од 7 % на последниот попис во споредба од оној во 2002 година, не значи дека ќе ја игнорираме оваа политичка операција. Не е можно овие резултати кои се далеку од реалноста, да бидат прифатени ниту од нашата партија, ниту од нашиот народ.“
Во соопштението, истакнувајќи дека приказот за зголемувањето на вкупното турско население во земјата изнесува само 5.484 лица за 19-годишен период, значи отфрлање на сите статистички податоци, се додава: „Врз основа на бројот на родени и умрени во периодот 2010 - 2020 година, порастот во овој период изнесува вкупно 4.307 лица (родени: 9.564, починати: 5.257). Врз основа на овој податок, разликата меѓу бројот на родени и умрени во периодот меѓу 2002 и 2009 година изнесува само 1.177 лица. Значи, според Државниот завод за статистика, во периодот од 2002 до 2009 година станува збор за зголемување на турската популација за само 1.177 лица.“
Во соопштението на ТДП се вели: „Ова нема никаква поврзаност со реалноста, ниту одблизу, ниту оддалеку.“
„Покрај тоа, податокот дека не е обелоденета етничката припадност на 132.260 лица, го прави сомнителен целиот овој процес. Државниот завод за статистика мора веднаш и што поскоро да ги открие податоците за овие лица. Покрај тоа, неопходно е да се открие и на кои општини од нашата држава се жители вкупно 12.482 наши сонародници кои живеат во странство. Доколку со јасни и официјални податоци не се расчистат сомнежите за пописниот процес, оваа активност нема да биде ништо друго освен политичка операција.“
- ТХП: „Очекуваме добра волја од општините Долнени, Дебар, Радовиш и Валандово за официјална употреба на турскиот јазик“ -
Во соопштението на Партијата за движење на Турците (ТХП) се наведува дека како партија од самиот почеток внимателно го следеле пописниот процес.
Се нагласува дека радува фактот што по две декади Северна Македонија успеала прилично успешно да ја комплетира оваа обемна статистичка операција преку која се добиле доста клучни демографски податоци со кои ќе се развијат попрецизни и реални политики.
Според првичните анализи, како што се наведува во соопштението, констатирано е дека во општините Карбинци, Конче и Василево бројот на граѓани од турската заедница е над 20 %, со што се овозможува службена употреба на турскиот јазик и писмо во рамките на локалната власт, регулирано според Законот за употреба на јазиците. Апелирајќи до овие општини без никакви одлагања да ги почитуваат законските обврски, во соопштението се вели: „Во духот на едно општество, по примерот на општините Кичево, Чаир, Гостивар, очекуваме добра волја за службена примена на турскиот јазик и од локалните власти на општините Долнени, Дебар, Радовиш и Валандово во кои процентот на граѓаните од турската заедница прилично се зголеми.“
Според добиените податоци од пописот, во соопштението се наведува дека ТХП очекува подобрување на правичната и соодветната застапеност на турската заедница, отворање на паралелки на турски мајчин јазик во поголем број места. Од партијата очекуваат пописот да придонесе за зголемување на демократскиот капацитет и вредности на целокупното општество, со цел во иднина да се елиминираат актуелните недостатоци и слабости на попишувачкиот процес.
- Движењето за Национално единство на Турците (ТМБХ): „Не ги прифаќаме резултатите од пописот и целосно ги отфрламе“ -
Во соопштението на Движењето за национално единство на Турците (ТМБХ), пописот спроведен во 2021 година е опишан како неуспешен и неевропски.
Пописот се опишува како посткомунистичка операција и се додава: „Вчерашната прес-конференција јасно покажува дека македонската Влада нема капацитет да спроведе успешен и кредибилен попис, така што оваа операција е нереална и неубедлива. Затоа не може да ја добие довербата на сите страни во државата и на меѓународната заедница. Како резултат на нашите анализи на објавениот резултат, нашата доверба во македонската Влада и институции е целосно разнишана.“
Во соопштението се истакнува дека податоците што ги добиле на терен и објавените податоци не се совпаѓаат и дека јасно се гледа дека е извршена манипулација.
„На пример, постои сериозна разлика меѓу податоците што ги добиваме од службениците за населението во општините Пласница, Центар Жупа и Врапчиште и објавените податоци. Со оглед на тоа дека пописот не е реализиран 19 години, неприфатливо е бројот на Турците да е зголемен за само 5.000. Според податоците за растот на населението на Турците што секоја година го објавува Државниот завод за статистика, нашата популација секоја година треба да се зголемува за 2,4 отсто; овој пораст не можеме да го видиме. Има намалување на бројот на Турците во Пласница, Центар Жупа и Маврово Ростуше, кои се познати како турски општини. Од друга страна, зголемен е бројот на Турците во Василево, Конче и Карбинци. Врз основа на позитивните закони што се во сила, турскиот јазик и писмо треба да станат службени заедно со македонскиот, така што турскиот јазик и писмо ќе бидат втор официјален јазик во овие општини. Гледаме дека бројот на Турците е намален во општините со доминантно албанско население, на пример Теарце, Гостивар, Тетово.“
Меѓу другото, се нагласува дека Државниот завод за статистика не можел да го утврди националниот идентитет на 132.260 граѓани и дека тоа фрла сенка на пописот.
„Оттука целосно ги отфрламе пописните резултати и не ги признаваме. Бараме веднаш директорот на Државниот завод за статистика, заменикот и цела екипа учесница во оваа измама да поднесат неотповиклива оставка. Особено има потреба за измена на Законот за попис и бараме да се направи нов попис со нов закон. Сметаме дека Владата треба да одговара кога ќе дојде денот за овие лажни пописни резултати што ги потпиша за да продолжи да владее“, се нагласува во соопштението на Движењето за национално единство на Турците.