Furkan Abdula
31 Март 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
ГОСТИВАР (АА) – Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) ги реновира деловните простории на Одделението за инспекциски надзор - Гостивар, јавува Агенција Анадолија (АА).
ТИКА ја обезбеди потребната поправка и поддршка на деловните простории на Одделението за инспекциски надзор - Гостивар, кое се наоѓа под Државниот пазарен инспекторат на Министерството за економија на Северна Македонија.
На свеченото отворање на реновираните простории присуствуваа координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, директорката на Државниот инспекторат за пазарна контрола, Анета Симеска-Димовска и други гости.
Согут, координаторот на ТИКА Скопје, во изјава за медиумите рече дека ТИКА има спроведено активности и проекти во повеќе од 100 земји и дека своите активности во Северна Македонија ги има започнато во 2005 година.
Подвлекувајќи дека ТИКА работи во области како што се образованието, здравството, земјоделството и развојот на административно-институционалните инфраструктури, Согут рече: „ТИКА од денот кога ја започна својата работа спроведува активности на повеќе полиња со став кој ги опфаќа сите заедници, врз основа на меѓусебно почитување и соработка, во согласност со мултиетничката структура на Северна Македонија, без разлика на јазикот, религијата или расата.“
Наведувајќи дека првиот дел од предметниот проект е изведен во Одделението за инспекциски надзор во Куманово, и дека таму е обезбедена поддршка за поправка и техничка поддршка, Согут рече: „Денеска отворивме простории во Гостивар за подобрување на работните средини на нашите пазарни инспектори, кои, всушност, опслужуваат многу региони. Многу сме среќни што го правиме тоа. Всушност, постои огромна разлика помеѓу тоа каде започнавме и каде стигнавме. Многу сме среќни што го гледаме ова.“
Директорката на Државниот инспекторат за пазарна контрола, Анета Симеска-Димовска, истакна дека наведениот Инспекторат брои 275 вработени низ државата и дека овие вработени се соочуваат со потешкотии во извршувањето на работните задачи во несоодветни услови.
„Благодарност до ТИКА која преку заеднички воспоставената соработка ја препозна потребата за реновирање и опремување на работните простории на Државниот пазарен инспекторат во одделни градови, а со една единствена цел, да се зголеми квалитетот, ефикасноста и ефективноста на вработените и на институцијата“, рече директорката Димовска.
Истакнувајќи дека поддршката од страна на ТИКА преку два одделни проекти овозможила да се подобрат условите за работа на вработените на одделенијата во Гостивар и Куманово, директорката Димовска нагласи:
„Денеска сме во Одделението во Гостивар на свечено отворање на новите работни простории. Се изврши реконструкција на постоечките 10 канцеларии и се обезбеди опрема на работните простории, и тоа 30 бироа, 42 столчиња и плакари, што е, всушност, дел од вториот проект на ТИКА.“