Husamedin Gina
27 Април 2021•Ажурирај: 28 Април 2021
СКОПЈЕ
Република Турција донира за Армијата на Северна Македонија влечен воз за тенкови и тешки машина, од сопствено производство, јавува Агенција Анадолија (АА).
По примопредавањето на донацијата, што беше извршено денес во Касарната „Страшо Пинџур“, во Петровец, министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, и амбасадорот на Република Турција, Хасан Мехмет Секизќок, дадоа изјава за медиумите.
Министерката Шекеринска, истакнa дека овие денови сме сведоци на многу силната соработка во делот на одбраната и воената поддршка помеѓу Северна Македонија и Турција, и рече дека тоа е резултат на долгогодишното сојузништво и пријателство и на заедничката цел, како членки на најмоќната воена политичка алијанса да се обезбеди сигурен регион и продолжување на пријателските односи помеѓу двата народа.

„Ова е еден дел од поддршката којашто години по ред Република Турција ја дава на нашата армија и можевте да видите дека во последните години навистина оваа поддршка станува поинтензивна и се трудиме да стане и повидлива. Токму за да знаат и македонските граѓани и турските граѓани дека сериозно работиме на нашите одлични односи во делот на одбраната“, нагласи Шекеринска.
Наведувајќи дека денеска е задоволна што заедно со амбасадорот на Турција можат да го видат таканаречениот влечен воз, кој е многу важна опрема, рече дека ќе ги обезбеди сите предуслови што се неопходни за логистиката и особено за транспортот на единиците на Армијата на Северна Македонија.

„Со овој влечен воз којшто е произведен во Република Турција, и којшто ја покажува и силата на одбранбената индустрија кај нашите пријатели, ќе обезбедиме целосен, сигурен и ефикасен транспорт на многу наши единици и опремата којашто ја користат“, додаде Шекеринска.
Амбасадорот на Република Турција, Хасан Мехмет Секизќок, истакна дека оваа церемонија на примопредавање е симбол на братството и актуелната интензивна соработка на воено поле помеѓу Турција и Северна Македонија.
„На почетокот би сакал да потенцирам дека Северна Македонија ја сметаме за многу значаен партнер за Турција на Балканот. Наша цел е со заеднички напори да ги унапредиме нашите повеќедимензионални односи во сите области“, нагласи амбасадорот Секизќок.

Со зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, како што наведе амбасадорот Секизќок, уште повеќе ќе се зајакне воената соработка меѓу двете земји и тоа се реализира со конкретни чекори, каков што е денешниот настан.
Истакнувајќи дека и во иднина ќе продолжат максимално да ги користат можностите за соработка во областа на одбранбената индустрија, амбасадорот Секизќок рече дека Турција како меѓународно реномирана земја со акумулирани вредности во областа на одбранбената индустрија ќе продолжи и во иднина да го поддржува својот сојузник преку пренесување на своето искуство и квалитет во Северна Македонија.
Амбасадорот на Република Турција исто така додаде дека иднината на воената соработка помеѓу Турција и Северна Македонија ќе биде светла.