Alma Dekovic
19 Септември 2024•Ажурирај: 22 Септември 2024
САРАЕВО (АА) - Уставниот суд на Босна и Херцеговина го прогласи Изборниот законик на Република Српска за неуставен, со образложение дека оспорениот закон ги презема надлежностите на државните институции, пренесува Анадолу.
Уставниот суд на БиХ на 148. пленарна седница ги разгледа барањата на Денис Звиздиќ, првиот заменик- претседавач со Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ (ПС на БиХ) и четворица делегати на Домот на народите на ПС на БиХ за оцена на уставноста на Изборниот законик на Република Српска.
„Во одлуката е утврдено дека оспорениот закон не е во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина и Изборниот законик на Босна и Херцеговина затоа што со оспорениот закон се преземаат надлежностите на институциите на Босна и Херцеговина. Уставниот суд заклучи дека не постојат одредби во Уставот на Босна и Херцеговина врз чија основа може да се воспостави уставноста на оспорениот закон што го донесе Народното собрание на РС. Освен тоа, Уставниот суд потсети дека Изборниот законик на БиХ претставува ‘одлука на институциите на Босна и Херцеговина’, како и дека ентитетите, според Уставот, се должни да ги почитуваат тие одлуки. Оттука оспорениот закон целосно е ставен вон сила, а привремената мерка донесена на 24 јули 2024 година престана да важи“, се наведува во одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.