Stipe Mayiç
07 Јули 2017•Ажурирај: 08 Јули 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Во малата сала на хрватскиот Парламент беше одбележана 22. годишнина од геноцидот во Сребреница, од каде што беа испратени пораки за важноста на зачувувањето на споменот за трагедијата што се случи, потребата за идентификување на жртвите и утврдување на одговорноста, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Парламентот, Гордан Јандроковиќ, во својот говор изјави дека трагедијата во Сребреница сѐ уште трае, и покрај тоа што минало време, и оти таа нема да биде завршена додека не се идентификува и последната жртва.
„Тука сме денес за да оддадеме признание на мајките на Сребреница, кои сите овие години се борат за да ги пронајдат своите најблиски, да го приближат светот кон вистината за Сребреница, да го сочуваат споменот на сите нејзини жртви“, изјави Јандроковиќ.
Тој предупреди дека голем број од оние што го извршија геноцидот сѐ уште се на слобода, и покрај тоа што дел од нив се осудени пред судот во Хаг.
„Иако во Сребреница е извршен геноцид, некои тоа го негираат“, изјави Јандроковиќ, и повика на заедничка борба за утврдување на вистината и чување на споменот.
Градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, изјави дека и 22 години по масакрот на Бошњаците во Подриње, Сребреница е морничава приказна за човековото страдање и зло.
„Затоа, во овој чесен дом недвосмислено ќе кажеме дека ние, како сведоци на времето, и со овој чин застануваме против сите гласни обиди жртвата од Сребреница да се деперсонализира и да се обезимени, да се обезличи и со тоа повторно да се замолчи“, порача Бандиќ.
Тој истакна дека геноцидот не е елементарна несреќа, туку институционално и организирано убиство на некоја заедница“.
„Масовното убивање од 11 до 16 јули 1995 година, во заштитената зона на ОН, е само епилог на големосрпската геноцидна политика којашто започна во мај 1992 година“, изјави Бандиќ.
Тој додаде дека никогаш нема да се заборави молкот на меѓународната заедница.
Претседателот на Советот на бошњачкото нацинално малцинство на Градот Загреб (ВБНМГЗ), Харун Омербашиќ, изјави дека и 22 години по настанот, на 11 јули во Поточари се закопуваат жртвите од геноцидот, оваа година 71 жртва, мажи и момчиња, од кои седум се малолетни.
Омербашиќ предупреди на изјавите од страна на голем број политичари, локални службеници и поранешни официјални претставници на ОН дека во Сребреница немало геноцид.
Ермина Лекај Прљаскај, преставничка на бошњачкото малцинство во Парламентот, изјави дека последниот геноцид на 20. век е извршен во БиХ, во злосторство невидено од II Светска војна.
Лекај Прљаскај го постави прашањето за одговорноста на меѓународната заедница за злосторството во Сребреница и изјави дека и денес е присутно негирањето, премолчувањето или минимизирање на тоа злосторство.
Одбележувањето на 22. годишнина од геноцидот во Сребреница го организираа Советот на бошњачкото национално мнозинство на Град Загреб, Културното друштво на Бошњаците во Хрватска „Препород“ и парламентарната преставничка на албанското, бошњачкото, црногорското, македонското и словенското национално малцинство, Ермина Лекај Прљаскај.