Zylfije Adem Jakupi
28 Септември 2020•Ажурирај: 29 Септември 2020
ПРИШТИНА
Поранешниот командант на Главниот штаб на Ослободителната војска на Косово, Агим Чеку, го заврши денес интервјуто во својство на осомничен пред Специјалното обвинителство во Хаг, јавува Агенција Анадолија (АА).
Адвокатот на Чеку, Артан Керкини, за АА потврди дека Чеку се појавил денес пред Специјалното обвинителство.
„Господинот Чеку се појави денес, 28.9.2020 година, пред обвинителот. Неговото интервју е завршено. Ова е сè што можам во моментот да ви кажам“, наведе Керкини.
Чеку, кој е поранешен премиер на Косово и поранешен заменик-министер за одбрана на Косово, за јавноста изјави дека бил повикан на интервју како осомничен на 2 септември.
Досега, повеќе од 300 припадници на ОВК биле сослушани пред специјалниот обвинител, или како осомничени или како сведоци.
Минатата недела беше објавено првото потврдено обвинение, според кое Салих Мустафа, еден од основачите на ОВК за зоната Лап, беше уапсен и однесен во Хаг. Тој денес ќе се појави пред судијата за прв пат.