Admir Fazlagic
07 Јуни 2017•Ажурирај: 10 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Република Македонија Радмила Шекеринска денеска се состана со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија, морнаричкиот капетан Горазд Бартол, при што истакна дека Република Македонија е посветена на вистинско партнерство со НАТО, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Зачленувањето во Алијансата е еден од клучните стратегиски приоритети на нашата држава. Нашата намера е да гледаме напред, и да преземаме чекори кон полноправно членство“, посочила министерката Шекеринска, соопшти Министерството за одбрана на Република Македонија.
Како што информираат оттаму, министерката Шекеринска посочила дека по Самитот на НАТО во 2008 година, политичката порака испратена до Македонија не била добра, а потоа следувало и забавување во реформските процеси, но и дека Владата на Република Македонија развива амбициозни програми за внатрешни реформи.
„За нас постојат три клучни елементи – реформските процеси во Армијата, поставени реално и со реални временски рокови; модернизацијата на Армијата, за што очекуваме и поддршка за овој процес од ваша страна; и внатрешна реформа во однос персоналот, кој за нас е важно да покаже професионалност и да се ослободи од политика“, истакнала министерката Шекеринска на средбата.
Меѓу другото, Шекеринска изјавила дека Република Македонија, сепак покажала дека има капацитет за промена и дека има способност да се врати на вистинскиот пат.
„Оптимизмот за прием на земјата во НАТО расте, но работата ни од далеку не е завршена“, рече министерката.
Морнаричкиот капетан Бартол потенцирал дека НАТО го враќа регионот на Западниот Балкан во фокусот и дека е посветен на развој на сите аспекти на соработка и поддршка на земјите од регионот. „
Мојата канцеларија е подготвена за унапредување на соработката со Министерството и за полна поддршка за реформските процеси во оваа област“, додаде тој.
Претставниците на Канцеларијата посочиле дека ако во 2008 за проблем за прием на Република Македонија во НАТО се сметаше спорот за името, сега земјите-членки на НАТО очекуваат Македонија да ги увери дека е на реформски пат.