Zülfiya Yakup
28 Мај 2019•Ажурирај: 28 Мај 2019
ПРИШТИНА (АА) - Шефот на Мисијата на Обединетите нации во Косово (УНМИК), Захир Танин, повика на итно ослободување на вработените на ОН кои се уапсени во денешната полициска операција на северот на Косово, пренесува Anadolu Agency (AA).
„УНМИК со голема загриженост го следи денешниот развој на северот на Косово, вклучувајќи и притвор на двајца припадници на ОН во текот на извршување на должноста од страна на Косовската полиција. Двајцата членови на персоналот подоцна се префрлени во болница поради лекување на повредите. Ги утврдуваме прецизните околности, во блиска координација со сите меѓународни агенции на теренот", се наведува во соопштението на УНМИК.
Специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН и шеф на Мисијата на Обединетите Нации во Косово (УНМИК) Захир Танин, повика на итно ослободување на персоналот на ОН, додавајќи дека „било каква штета нанесена на вработените на Обединетите нации ќе се соочи со највисок степен на дипломатски и меѓународно правни одговори".
„Ги повикувам сите страни да се придржуваат до принципите на владеење на правото и достоинство за сите, за живот и слобода да помогнат да се врати мирот и безбедноста во тоа подрачје", рече Танин. УНМИК, додава тој, ќе даде повеќе информации во соодветно време.
Како што е соопштено од Министерството за внатрешни работи на Косово, за време на полициската операција на северот на Косово покрај уапсените 19 полициски службеници и девет граѓани за кои била распишана наредба за апсење, уапсени се и седум граѓани кои ја попречувале полицијата во извршување на службената задача.
На барикада во Забин Поток уапсен е руски државјанин, се работи за Михајло Александрович Красношченков, кој на барикадата ставил возило со регистарски ознаки на УНМИК. Се спроведува истрага во која е вклучено Специјалното обвинителство на Косово, како и Инспекторатот на Полицијата на Косово, под надлежност на надлежен обвинител.
И директорот на Полицијата на Косово Рашит Калај рече дека денес дошло и до апсење на еден руски државјанин. Калај рече дека во настојувањето да се отстранат барикадите рускиот државјанин службеник на ОН заедно за еден локален службеник на ОН бил во автомобил на ОН на барикадите и притоа двајцата се уапсени.