Fatjon Cuka
18 Април 2023•Ажурирај: 19 Април 2023
ТИРАНА (АА) - Хрватскиот министер за надворешни работи и европски прашања Гордан Грлиќ-Радман оствари посета на Албанија, јавува Анадолу.
Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, го прими на средба шефот на хрватската дипломатија во просториите на Министерството, а во заедничката изјава за медиумите по средбата стана збор за прашањата за соработката меѓу двете земји, европската интеграција на Албанија и други прашања.
Министерката Џачка истакна дека во разговорот со хрватскиот колега укажале на растот и продлабочувањето на билатералната соработка.
Таа нагласи дека разговарале и за геополитичките случувања во Европа и нивните последици за регионот.
„Со задоволство забележуваме дека во рамките на нашето стратешко партнерство, постои интензивен политички дијалог меѓу нашите две влади. Во имплементација на овој документ и неговиот акционен план, денеска разговаравме и за голем број активности кои може и ќе се организираат за прв пат, како што е заедничката средба на двете влади“, рече таа.
Џачка истакна дека двете земји ги делат истите позиции во однос на „руската агресија во Украина“ и според неа, тие целосно и „без какво било колебање го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.
„Имавме можност да разговараме опширно за процесот на интеграција во ЕУ и за помошта и советите што Хрватска може да ги даде во овој процес. Колегата Радман ме увери дека Хрватска ќе продолжи да биде безрезервен поддржувач на нашиот интеграциски процес во ЕУ, не само од политички аспект, туку и со конкретна техничка експертиза“, рече Џачка.
Џачка додаде дека ја ценат позицијата на Хрватска во однос на Косово и континуираната поддршка што Хрватска ја дава и продолжува да ја дава на Косово.
Од друга страна, шефот на хрватската дипломатија говореше за односите меѓу Хрватска и Албанија, нагласувајќи дека двете земји секогаш имале одлични и цврсти односи.
„Хрватска го поддржа и ќе продолжи да го поддржува патувањето на Албанија кон ЕУ и останува активна во помагањето во сите пристапни преговори и тие да продолжат со најбрзо можно темпо. Хрватска е подготвена да обезбеди политичка и техничка поддршка за Албанија за да се пренесе сето нејзино знаење и искуство за интеграција на Албанија во ЕУ“, рече тој.
Грлиќ-Радман истакна дека економската соработка меѓу двете земји е во нагорен тренд.
„Јадранското Море е од големо значење за двете наши земји. Заштитата и спречувањето на загадувањето на Јадранот и сите крајбрежни области се исто така од стратешко значење. Сосема сум убеден дека мојата посета ќе придонесе за натамошно зајакнување на одличните односи меѓу Албанија и Хрватска“, нагласи тој.
Министерот за надворешни работи и европски прашања на Хрватска се сретна и со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, и со други функционери во земјата.